По зборовите на германскиот канцелар, секое испраќање на Таурус ракети значи дека треба да се испратат и германски војници во Украина за да ги програмираат истите, што дополнително ќе ја вовлече земјата во конфликт со Москва. На ова е и стандардниот страв на Берлин, и Западот, дека Киев би можел да ги искористи проектилите за гаѓање на цели на Руска територија, стара или новоосвоена.
Споредбено, Таурус, кој се испукува од авион, е иста должина и тежина како британски Сторм шадоу и француски Скалп.
Она по што Таурус се разликува од сојузниците е Мефисто „интелигентниот“ систем на воена глава. За разлика од традиционалните воени глави кои експлодираат по темпирано време, Мефисто може да пенетрира неколку слоеви материјал, а неговата „каписла“ да се програмира да се активира на оптимална точка и да предизвика максимална штета на структури како мостови и бункери.
Во неодамна објавените прислушувани разговори, германски офицери разговараат дека за разлика од Сторм шадоу и Скалп, Таурус ќе може да ја пробие структурата на кримскиот мост. Истото го потврдуваат и експерти за оружје, кои предноста ја лоцираат во „капислата“.
Таурус доаѓа со мотор со турбопропелер кој дува повеќе воздух и на ракетата и овозможува поголем домет отколку моторите на Сторм и Скапл. Процените се дека Таурус има 250 километри поголем домет од британската и француската конкуренција. Плус тој доаѓа со стелт технологија и дизајн кој му дозволува да лета и на само 50 метри над копното и на тој начин да избегне најголем број од радарите.
Таурус е заеднички производ на германската филијала на МБДА, ТДВ, и шведски Сааб. Баварски ТДВ ја произведува воената глава, а остатокот е од Сааб. Целосното производство на Таурус е запрено, но затоа има залихи во германската, шпанската и јужнокорејската војска,
„Во моментов не се произведува ниту еден Таурус проектил.
Производствените линии не мрдаат, тие последен пат беа активни во 2019 за исполнување на нарачката од јужнокорејската влада. Фабриките во Баварија само вршат сервис на веќе продадените проектили.
Процената е дека еден проектил чини околу 1,5 милиони евра, во зависност од обемот на нарачката,“ пишува Фајненшл тајмс.
Сторм и Скалп исто така се произведуваат од МБДА, но во Британија и Франција. Моментално работи само една производна линија за Скалп во Франција која ја пополнува нарачката од грчката влада. Претпоставката е дека пред војната Британија има резерва од 850 Сторм шадоу проектили, Франција 460 Скалпови, а Германија 600 Таруси од кои се верува дека половина се оперативни.
Процената на аналитичарите е дека ќе бидат потребни 2 години за од фабрика да излезе првиот Таурус проектил.
Според РУСИ, Москва успеала да го зголеми производството на ракети со голем домет од околу 40 месечно во 2022, на околу 100 месечно на крајот од 2023.
Во истиот пресретнат телефонски разговор меѓу германските офицери, се дознава дека вистинскиот проблем со употребата на Таурус ќе биде нивната интеграција со авионите со кои Украина располага, со надеж дека и ним тоа ќе им успее како што успеа со Сторм шадоу и со Скалп.