Досегашното чувство е дека Обама дава се од себе да не го засени Џо Бајден и неговата номинација, и дека се труди да не се добие впечаток дека тој зборува во името на сите Афро-американци. Сепак овие два темела на пензијата на Обама беа сериозно погодени од моменталната состојба во САД по убиството на Џорџ Флојд.
Обама реагираше веднаш објавувајќи текст околу убиството на Флојд на Медиум уште минатиот петок, а потоа имаше и твит на темата, неколку минути откако Трамп се врати од фотографирањето пред „Црквата на претседателите“. Сепак тој чувствува дека сето тоа не е доволно, па во вторникот наутро тој и неговите помошници почнуваат со организирање на настан, закажан за среда попладне, на кој ќе одржи говор на Зум што ќе биде пренесен на Си-ен-ен и Ем-ес-ен-би-си.
Сето ова е екстремно невообичаено за Обама кој од заминувањето од Белата куќа се однесуваше како да си дал цел сам на себе никогаш да не дозволи да биде променет од Трамп, што главно би значело да почне да реплицира на нападите од сегашниот претседател.
Тој е свесен и дека како прв црнец претседател на САД неговите зборови поврзани со расните теми во земјата носат дополнителна тежина и привлекуваат дополнително внимание.
Колебањето на Обама да зборува за расните проблеми потекнува уште од времето на неговиот мандат, кога секој негов збор на темата беше дочекуван со критики и напади против него. Како што пишува авторот на текстот во Атлантик, Едвард-Ајзак Довер, „Обама се колебаше да дозволи поделбата која следеше по секоја негова изјава да ги влоши работите. А кога зборуваше, тој го осудуваше насилството, ја поддржуваше полицијата и повикуваше на реформи.“
„Меѓутоа гледајќи како претседателот се обидува да ја сврти вооружената сила на федералната влада против американскиот народ, му помогна да ја надмине неговата колебливост да интервенира,“ објаснува Довер.
Еден советник на Обама ова го објаснува на следниот начин: „Тој рече дека ќе проговори кога (а) американските вредности се под закана и (б) кога може да влијае. Овој момент ги опфаќа и двете.“
Приватно, Обама ова го објаснува дека на државата не и е потребен втор претседател, па затоа забелешките што ги има најчесто ги здржува за себе.
Во своето обраќање Обама не го спомена Трамп, ниту суптилно како пред неколку недели кога порача дека владата била некомпетентна во реакцијата на епидемијата на коронавирус. Тој им се заблагодари на демонстрантите, но исто така ја пофали и полицијата за која рече дека е посветена на подобрување на начинот на кој работи.
Говорот баш и не ги исполни сите влажни соништа на Демократите, кои откако разбраа дека Обама ќе се обраќа се надеваа дека поранешниот претседател ќе распали по Трамп, и ќе го изрази гневот што сите го чувствуваат.
„Обама беше оптимист како што секогаш се обидуваше да биде. Тој призна дека овој момент ’ги потсетува луѓето на 60-те и хаосот, безредието и недовербата низ земјата’ меѓутоа посочи дека анкетите покажуваат колку луѓе сега ги поддржуваат протестите и колку се разнолики толпите на протестите. Порачувајќи ’Се случува промена во размислувањето, поголемо признавање дека можеме и подобро,’“, пишува Довер.