Пред сето ова да се случува Даниел Џонсон потсетува на серијата оплакувања од високи воени офицери за лошата состојба во која се наоѓаат британските вооружените сили од неможноста за регрутирање на доволно војници, до техничката заостанатост на морнарицата на земјата, за минатата недела генерал Патрик Сандерс да повика на создавање граѓанска армија која треба да помогне во случај на војна со Русија. Британците неодамна беа опоменати од Американците дека „треба да проценат од каде им доаѓаат најголемите закани“, откако по децении намалување на воената потрошувачка земјата е со најмалата морнарица што некогаш ја имала од Наполеонските војни до денес.
Ситуацијата со регрутирањето е толку алармантна што генерал Ричард Шриф, во отворено писмо до јавноста повика Британија да размисли за воведување на задолжителното служење војска.
Како што пишува Џонсон, проблем со овој план е што новите генерации немаат волја да се борат за татковината, што го покажува неодамнешна анкета на ГБ њуз, според која само 17% од Британците своеволно би се бореле за својата земја, додека 30% би направиле се што треба за да избегнат да се борат за својата држава.
Процената е дека за војна со Русија, ако НАТО побара помош, на Британија ќе и требаат околу половина милион војници, вклучително и резервисти. По последните кратења, Британија има околу 70.000 обучени војници. 20-те илјади британски војници кои учествуваат на најголемата НАТО вежба од Студената војна „Непоколеблив бранител 24“ се максималниот број на војници што Британија моментално може да распореди на фронтот во Источна Европа.
Бројката делумно ја диктира и достапната опрема, од која армијата моментално има само 213 Челенџер 2 тенкови и 625 Вориор борбени возила. На Непоколеблив бранител 24 учествуваат 133 тенкови и 533 борбени возила.
За споредба, по британски процени, во војната во Украина до сега има само 370.000 загинати (300.000 Руси и 70.000 Украинци), а уништени се најмалку, ова по американски бројки, 2.200 руски тенкови.
Споредувајќи ја денешната ситуација со самите себе, во 1914, Британија испраќа седум дивизии пешадија и една коњица на Западниот фронт (БЕФ - British Expeditionary Force) или некои си 84.000 луѓе. Во Втората светска војна Британците испраќаат 390.000 војници.
Денешен БЕФ со обем колку оној што учествува во вежбата на НАТО би имал среќа ако кој било од неговите членови ги преживее и првите недели од војната против Русија, дури и да се користи само конвенционално оружје.
„Може да бидеме уверени за оваа стапка на загуби бидејќи го гледаме обемот на загуби на две страни во Украина. Русија изгуби речиси 30.000 војници плус над 400 тенкови само во декември 2023, според Украинците. Дури и ако овие бројки се претерани, тие даваат перспектива на неподготвената состојба на западната - и посебно на британската одбрана.
Вистината е дека британскиот одбранбен естаблишмент премногу долго беше фокусиран на опремување на нашите сили со мали количества на пре-инженирано и екстремно скапо оружје, кое во теорија е импресивно но во пракса се покажа за недоволно робусно.
Намалениот број на нашиот мирнодопски персонал е одлучен и од намалените количества на опрема што министерството за финансии смета дека можеме да си го дозволиме. Дури и да ги убедиш политичарите дека треба да инвестираат во витални нови технологии, финансиските ограничувања остануваат,“ пишува Џонсон во анализата за Телеграф.
Џонсон ги реди и крупните проблеми што ги има британската морнарица, од тоа дека два брода кои „совршено добро можат да се поправат“ ќе бидат отстранети од служба заради немање доволно регрути, до напуштање на два носачи на авиони и речиси сигурно губење на два застарени јуришни бродови, без да бидат заменети.
„Уште една последица на погрешната политика на претерано инженирање е тоа што нашите бродови постојано се расипуваат, не функционираат или се судираат. Принцот од Велс има толку многу проблеми со механички дефекти што најголемиот дел од својата активна служба ја мина во поправки на пристаниште. Онаму каде кривицата паѓа на човечка грешка, често пати е резултат на немање искуство на море,“ пишува Џонсон.
Кога проблемите не се од механичка природа, тогаш се од политичка, како што е случајот со двата носачи на авиони кои се закотвени во Портсмут затоа што високи британски функционери не дозволиле нивно распоредување, дали на вежбите во Балтикот, дали во операциите во Црвеното море.
„Факт е дека ниту Кралицата Елизабета, ниту Принцот од Велс не биле распоредени во конфликтна зона. Наместо да бидат распоредени како што е планирано, да покажат поморска сила на глобално ниво во одбрана на Западот, министерството за одбрана нив ги третира како Минг вазни, кои се премногу скапоцени за некогаш да бидат ставени во ризик,“ смета Џонсон.
Тој проценува дека британската одбрана е дополнително преплашена од успешната употреба на дронови во Украина и Газа, и стравува дека тие би можеле да ги претворат најмоќните британски бродови од предност во слабост.
Освен Британија слични маки имаат и другите сојузници, пример Франција каде Макрон редовно е обвинуван за предавство на војската заради кратење на средствата. Во Германија „Бундесверот има долга историја на некомпетентност и штедење, посебно од страна на политичарите.“ Пример, додека Урсула вон дер Лејен беше министерка за одбрана, за време на една воена вежба ги натера војниците да користат дршки од метли наместо пушки. Џонсон признава дека ситуацијата во Германија е сменета на подобро по доаѓањето на министерот Борис Писториус и уплавот од руската инвазија на Украина.
„Главна причина за постојниот страв од војна е Путин. Тој ја искористи можноста што ја даде неговата 'специјална воена операција' да создаде воена економија во Русија која едноставно нема конкуренција на Западот.
Дури и санкциите се во негова корист, овозможувајќи на неговиот режим угодно оправдание за наметнување на економија на опсада.
Русија сега произведува материјали во обем доволен за НАТО да е тој што треба да достигнува. Од почетокот муницијата беше главна во војната во Украина.
Летоска Украинците можеа да им парираат на Русите, но сега им снемува муниција. Во просек топовите на Путин испукуваат по 10.000 гранати дневно, споредено со само 2.000 што се испукани од артилеријата на Зеленски,“ смета Џонсон.
Тој се повикува на протечениот германски документ „Сојузничка одбрана 2025“ кој тврди дека Путин годинава ќе има успешна пролетна офанзива во Украина, потоа ќе го дестабилизира Балтикот и ќе предизвика граничен инцидент во стратешки важниот Сувалки премин, на полската граница со Литванија.
„Со испраќање на нови сили во ексклавата Калининград и Белорусија, Путин ќе го стави НАТО во дилема: дали да испрати засилување и да ризикува почеток на Трета светска војна, или да го остави Балтикот сам на себе.
Ова германско апокалиптично сценарио предвидува судир не подоцна од мај 2025. Ако датумот е точен тогаш веќе е предоцна за Западот да направи нешто за да го измени балансот на силата на военото поле.
Меѓутоа концентрирана кампања за вооружување, која ќе го опфати не само НАТО туку и целиот слободен свет, ќе му покаже на Путин, Ши Џинпинг и лидерите на останатите авторитарни режими дека Западот е непобедлив.
Англо-американската воена акција во Црвеното море е потсетник дека само Западот се грижи за зачувување на мирот и владеењето на правото. Ние сме многу ефикасни во справување со такви како Хутите.
Сега е време да покажеме дека Западот - вклучително и сите оние кои ги споделуваат нашите вредности - се способни за справување не само со пиратите кои се закана за трговските патишта, туку и со диктаторите кои се закана за човештвото. Ако го цениме мирот кој владееше кај најголемиот дел од човештвото од 1945, тогаш им должиме на нашите потомства да се подготвиме за војна,“ порачува Џонсон.