Три месеци војна наративот е дека Германија повеќе претпочита да не испорачува оружје (посебно не тешко) на Украина, а и кога ќе вети ја одложува испораката. Минатата недела во Бундестагот, Шолц седеше и слушаше како е обвинет за секакви работи, вклучително и тоа дека можеби тера „скриена агенда“.
Кога дојде на ред на Шолц да зборува, тој излиста цел список на оружје што веќе и е испорачано на Украина, главно лесно вооружување, и оружје, кое во текот на летото ќе и биде испорачано, главно тешко вооружување (тенкови, топови, против-авионска одбрана и слично).
Шпигел забележува дека без разлика тоа што го зборува Шолц, Германија до сега нема директно испорачано ниту едно парче тешко оружје, а и кога ќе пристигнат првите пратки значителна помош од Берлин, тоа нема да го поправи впечатокот за изгубеното време.
„Шолц и неговата влада очигледно играат на време. Првично, тие не веруваа дека Украинците имаат шанса против Русија и го испратија најосновниот минимум неопходен за да го одбранат образот, почнувајќи со 5.000 шлемови.
Подоцна во прашање беше мешавина од некомпетентност и немање волја - и желба да се скријат зад своите сојузници. Да не зборуваме пак за одбивањето да се преземе меѓународно водство.
Изгледа како Шолц никогаш да немаше да испорача какво било оружје без огромен притисок од странство и од коалицијата. Канцеларот мораше да биде притиснат за да го направи секој еден чекор,“ пишува Шпигел.
Постапките на Шолц, за кој Велт неодамна објави дека не ги пуштил ни договорените количини на лесно оружје, следуваат и покрај итноста за која алармира германското разузнавање (БНД), кое стравува дека украинскиот отпор би можел да биде целосно скршен во следните 5 до 6 седмици. Нивните процени се дека до крајот на август цел Донбас ќе биде под руска контрола, заради што прави огромна разлика дали германското оружје ќе биде испорачано неделава или некаде во август.
Токму анализите на БНД се сметаат за главната причина за влечкањето на Германија. БНД на почетокот од војната заклучува дека Украинците ќе паднат во рок од неколку недели, заради што освен првичните испораки и нема логика да се планира за во иднина, а посебно не испорака на тешко вооружување.
И покрај ова, уште во првата недела од војната, германската воена индустрија имаше спремено ексел со сите оружја што може да и ги испорача на Украина. Меѓу нив се и Мардер оклопните возила, за кои денес се зборува, кои производителот Рајнметал ги има во магацин, а германската армија не ги користи.
„Меѓутоа германската влада одлучи да ги одложи сите одлуки поврзани со оклопни возила,“ пишува Шпигел.
Истата е ситуацијата и кога Краус-Мафеи Вегман нуди Гепард оклопни против-воздушни возила, кои исто така веќе не се користат од германската армија, меѓутоа компанијата првично не добива никаква повратна информација од Владата.
„Се што требаше за да ги започнеме адаптациите (на Гепардите) беше еден дискретен сигнал“, изјавува еден директор од германската одбранбена индустрија.
За цело ова време Шолц не дава задоволително објаснување за својата одбивност за испраќање оклопни возила во Украина. Тоа што го кажува е дека ќе ја даде целата поддршка во „одбранбената битка на Украина“ но и дека тенкови никако нема да и бидат испорачани на Украина.
„Во исто време, извори блиски на владата објаснуваат дека има загриженост дека Украина би можела да стане премногу самоуверена ако направи серија победи на војното поле и да влезе во руска територија - што ќе значи дека германски тенкови повторно влегле во Русија. Оваа загриженост нагласува одредена недоверба што Берлин ја има во Зеленски. И тоа е една од причините зошто одбранбената индустрија никогаш не доби дозвола да испорача тенкови,“ објаснува Шпигел.
Тие потсетуваат дека германската влада активно работи на трампи, во кои држави од Источна Европа го испраќаат своето старо советско оружје во Украина, а за возврат добиваат ново германско оружје по НАТО стандарди.