
„Во кампањата му ветив на американскиот народ дека ќе изградам најсовремен противракетен одбранбен штит. Денес, со задоволство можам да објавам дека официјално го избравме дизајнот за овој систем“, рече Трамп во Белата куќа.
Златната купола ќе се интегрира со постојните одбранбени способности на земја и е насочена кон заштита на САД од крстосувачки, балистички и хиперсонични проектили и беспилотни летала, без разлика дали носат конвенционални или нуклеарни боеви глави.
Системот ќе има елементи на копно и во вселената, кои рано ќе откриваат лансирани проектили, ќе ги следат во повеќе фази од летот и ќе ги пресретнат во воздух. Системот постојано ќе се надградува со технологии од идните генерации.
Трамп објави дека проектот ќе чини 175 милијарди долари и ќе биде завршен до крајот на неговиот мандат. Обезбедени се првичните инвестиции од 25 милијарди. Според проценките на Конгресната буџетска канцеларија, системот ќе чини меѓу 161 и 542 милијарди долари.
Во изградбата на комплексниот систем ќе има парче од колачот за повеќето технолошки гиганти и производители на оружје. Уште пред два месеца беа спомнати Палантир, Андурил и Спејс Икс на Илон Маск, чија улога беше оспорена поради тоа што е инсајдер во Белата куќа, како шеф на канцеларијата за владина ефикасност. Спејс Икс доминира во бизнисот со лансирање ракети и сателити. (Види: Илон Маск ќе ја гради Златната купола на Трамп?).
За оружените системи ќе бидат задолжени фирми како Локид Мартин, RTX и L3Harris Technologies, која инвестираше 150 милиони долари во нов капацитет за сателитски сензори во Индијана.
Куполата треба да ја заштити територијата на САД, но Трамп изјави дека и Канада изразила интерес да биде покриена. Канцеларијата на канадскиот премиер Марк Карни потврди дека „иницијативи како Златната купола се дел од дискусиите за нови безбедносни односи со САД“.
Урнек за проектот е израелскиот систем за воздушна одбрана Железна купола кој пресретна илјадници ракети, проектили и беспилотни летала во изминатите 14 години. Американската купола ќе се разликува зашто САД се 400 пати поголеми од Израел и нивните потенцијални непријатели се многу подалеку. Американската купола е дизајнирана да пресретнува интерконтинентални проектили при потенцијален напад од Русија или Кина.
Роналд Реган го сакаше пред многу години, но тогаш ја немаше технологијата, изјави Трамп, алудирајќи на проектот „Војна на ѕвездите“, кој покрена трка за вооружување на вселената.
Москва и Пекинг неодамна го критикуваа проектот како „длабоко дестабилизирачки“, бидејќи опфаќа поставување оружје во вселената.