
За изградба на проектилскиот штит на САД, Спејс Икс конкурира заедно со производителот на софтвер Палантир и со компанијата за дронови Андурил, потврдиле за Ројтерс повеќе анонимни извори.
Сите три компании се основани од бизнисмени што политички го поддржаа Трамп. Најдалеку од нив отиде Маск, кој сега е специјален советник на Белата куќа за кастрење на непотребните владини трошоци и администрација.
Трите компании биле на интензивни консултации со Пентагон за да го разработат планот за Златната купола, кој опфаќа поставување мрежа од стотици сателити за рано откривање, следење и уништување непријателски проектили со ласери и пресретнувачки ракети.
Разговорите за проектот „отстапуваат од вообичаениот процес“. Заедницата за национална безбедност и одбрана има „чувствителен“ однос кон Илон Маск поради неговата улога во владата. Се разгледува можноста Спејс Икс да не биде директно вклучен во проектот, туку само да ѝ го наплати на владата пристапот до технологијата за лансирање на сателитите. Така би се заобиколиле вообичаените протоколи за набавки на Пентагон и би се овозможило побрза изградба и активирање на системот.
Очекувани кандидати за проектот се и етаблираните одбранбени компании како Нортроп Груман, Боинг и Локид Мартин. Интерес за развој на компоненти изразиле повеќе од 180 компании.
Главната улога за избор на изведувачи за Златната купола му е доверена на поранешниот инвеститор Стив Фајнберг, кој сега е втор човек во Пентагон. Фајнберг инвестираше во современата хиперсонична ракетна индустрија.
Вкупните трошоци за поставувањето на Златната купола се проценуваат на стотици милијарди долари. Пентагон веќе постави временски рамки за испорака на компоненти, од идната година, па сè до 2030 година.