Пољакот Доналд Туск предупреди дека бегалската криза ќе се влоши а Европа мора да ги обезбеди своите надворешни граници по неколку неделниот хаос кој го доведе во прашање шенгенскиот систем на кој Европа е горда.
"Само во Сирија осум милиони луѓе се раселени а четири милиони се избегани надвор од неа. А тука се и Авганистан, Ирак, Еритреја и други места. Неодамна ги посетив камповите во Турција и Јордан и лично се уверив дека тие луѓе се решени да завршат во Европа," рече Туск.
А ЕУ дури и за бројка од 120.000 луѓе попука по рабови. На вонредниот самит, распределбата на толкав број бегалкци беше донесена со прегласување и против волјата на четири нејзини членки (толку за приказната дека за нешто членство е неопходен консензус). "Заклучоците и мерките од средбата на лидерите на ЕУ се толку скромни што се чини дека бегалска криза воопшто и не постои," изјави Јудит Сандерленд од Хјуман Рајтс Воч.
Со своето противење, Унгарија, Чешка, Словачка и Романија само ја подраширија пукнатината меѓу источна и западна Европа која и досега постоеше. Откако беше прегласан, источниот блок земји најавува дека ќе го бојкотира договорот и дека нема да ги прифати диктатите за квоти. Словачка најави дека правдата, како што таа ја замислува, ќе ја бара по судски пат. Има и контра тужби. Европската комисија во меѓувреме презема правни мерки против 19 свои членки кои ги кршат правилата за бегалци, првенствено одбивајќи да ги регистрираат со што се овозможува тн азилантски шопинг (пракса да се бара азил во неколку земји).
Од зборовите на Туск е јасно дека примањето бегалци веќе не е фокус на Европјаните. Следен нивен приоритет е како да го пломбираат својот раат а несреќниците од истокот да останат пред нивните порти. Тоа е единствената причина зошто ЕУ реши да го одврзе ќесето и да најави големи пари за Турција, Јордан, Либан, Србија и Македонија. Се спомнува милијарда за Турција, милиони за Македонија и Србија, 600 милиони за Европската агенција за обезбедување на границите Фронтекс и за Европол....
"Ние мора да направиме сè тие луѓе да бидат прописно нахранети и сместени во камповите, и за да им помогнеме и за да ги убедиме да не размислуваат да тргнуваат на многу, многу тешкиот и опасен пат кон Европа", изјави британскиот премиер Камерон доаѓајќи на Самитот.