Клучни играчи во новата владина коалиција се левите популисти со Пет Ѕвездички на Луиџи Ди Мајо и десните популисти од Лигата на Матео Салвини. Аналитичари оценуваат дека нивната нова владина програма не само што не ги следи препораките на ЕУ, туку отворено им се потсмева.
Таа програма ги комбинира високите давачки на државата за поддршка на социјални сервиси кои ги бараат левичарите и ниските даноци на кои инстираат десничарите. Таков расчекор во политичките цели може да биде покриен само со нови задолжувања, што не им претставува проблем на партнерите, иако Италија е високо задолжена земја, со долг од 130% од националниот БДП. Ваквиот план оди директно контра правилата на ЕУ за фискално консолидирање на земјите членки.
Дополнително, италијанската влада бара од ЕУ да го реформира единствениот пазар за стоки, услуги, сервиси, капитал и труд за да се избегне неговата „штетност по националните интереси“. Се бара и преиспитување на политиката кон мигрантите а се најавуаат и отпори кон договорените банкарски реформи за кои се оценува дека ќе донесат дополнителен стрес за италијанските семејства и малите бизниси.
Во претходната верзија, од Европската централна банка бараа и безусловно отпишување на италијанскиот долг од 250 милијарди евра и отфрлање на еврото.
Англичаните беа прилично неспремни за Брегзит бидејќи таа одлука дојде од еден неочекуван референдумски резултат. Тоа им дозволи на евро-бирократите да ја преземат играта околу излезот и да ги одредуваат правилата. Поради таква предност, главниот ЕУ преговарач Мишел Барние неодамна можеше надмено да порача дека „ЕУ ќе продолжи без Британија како ништо да не било“.
Но, со Италија е друга приказна. Главните политички сили се подготвени и за секакви сценарија а финансиските проблеми на Италија се многу поголеми од оние кои ги имаше Грција за да може лесно да се санираат.
И згора на сè, Британија излезе од таму поради чувството дека строгото следење на европските правила не секогаш е во нивна корист. Италијанциве не се ни трудат да ги следат.