Во тек на четири векови, трговијата со робови преку Атлантикот, која ги поврзувала Африка, Европа и двете Америки, била виновна за експлоатација, исчезнување и смрт на милиони луѓе. Па сепак во средината на 18 век, кога таа ја доживувала својата кулминација, неколку видни европски теоретичари ја сметале за модел за слободно претприемништво. Тоа не биле трговци со робови или капетани на бродови со кои тие се пренесувале, туку економски мислители, и тоа многу влијателни.
Промотори на принципот на „лесе фер" (laissez-faire), термин кои самите го смислиле, тие биле први во Европа кои барале ограничување на владиното мешање во економијата. Организирале кампањи за дерегулација на домашната и на меѓународната трговија, а трговијата со робови им била клучниот доказ за исправноста на нивните аргументи.
И ова не е само интересно во некаков историски контекст кој не е на ниту еден начин поврзан со сегашноста, туку токму спротивното - актуелно е затоа што ја покажува врската помеѓу ропството и удирањето на темелите на модерниот капитализам. Делата на француските економисти застапници на спомнатата теорија, кои го инспирирале Адам Смит да ја напише неговата славна „Богатството на народите" (1776), успеале да ја убедат француската монархија да ги тргне рацете од клучните бизниси во тоа време, како продажба на жито и трговија со Азија. Така излегува дека раѓањето на она што денес го дефинираме како капитализам зависело не само од трудот на робовите и профитот од трговијата со нив, туку и од фактот дека ропството станало дерегулиран глобален бизнис.
Во текот на 16, 17 и почетокот на 18 век, европските влади ја регулирале трговијата со робови преку Атлантикот, сметајќи ја трговијата воопшто за вид војна во која нациите можат да ги победат нивните соперници со акумулирање злато и сребро и извезување рачно направени производи, а внесувајќи земјоделски производи. Сите аспекти на оваа дејност требало да бидат прецизно организирани од страна на властите, оставајќи мал простор за иницијативи на приватни трговци.
Но неколку децении по пристигнувањето на Колумбо на Карибите во 1492, станало јасно дека шпанската монархија нема да има доволно работна сила за своите колонии, заради што се свртила кон трговијата со робови во Западна Африка. Според систем познат како „асиенто" (договор), владата почнала да им доделува на некои европски трговци специјални монополизирани договори, да станат единствено „лиценцирани" за продажба на робови во одредена област. Тоа биле главно италијански, германски португалски инвеститори. Но при крајот на 17 век Шпанија почнала да ја губи воената моќ, и веќе не можела да бира кому ќе му додели вакви лиценци. Во 1701 кога шпанскиот крал умрел без престолонаследник, францускиот крал Луј 14 ја освоил Шпанија и си го ставил внукот на тронот. Еден од првите закони донесени во Шпанија бил оној за асиенто, чија контрола сега му припаѓала на кралот.
Британија, Холандија и уште неколку земји тогаш направиле сојуз против Франција, што резултирало со нејзин пораз. Тогаш Британија ја презела контролата врз асиенто и создала иновативна корпорација наречена South Sea Company. Таа привлекла илјадници инвеститори, а цената на акциите на полето на трговијата со робови толку се искачила што тоа предизвикало национална финансиска криза.
Единствен излез на француската влада во таква ситуација бил да ја дерегулира трговијата со робови. За прв пат монархијата дозволила приватни фирми да испраќаат бродови во Африка и Америките. Од бизнис перспектива успехот бил огромен. До крајот на 18 век се тргувало со повеќе од 100,000 робови годишно, а тоа особено било така во француските колонии Мартиник, Гуадалупе и денешно Хаити. Овие острови станале центри на глобалната трговија - колку што повеќе робови биле испраќани во колониите, толку колонијалните сопственици на плантажи можеле да го прошират нивното производство на шеќер. Колку што станувал поевтин шеќерот, толку повеќе Европејци можеле да го консумираат, и тоа вообичаено одело во тандем со кафето и чоколадото.
Но овој економски бум подразбирал човечки трагедии. Не е ни чудно што Санто-Доминго (денешно Хаити) било местото каде се случил најнасилниот бунт на робовите, што довело до тоа француската влада да го укине ропството во 1793.
За голем дел од сето ова биле виновни споменатите економисти, кои промовирале систематска елиминација на меѓународните и домашните трговски граници. Целиот понатамошен тек на настаните само одел во прилог на нивната теорија, но само ако од сликата ја изземеме хуманитарната димензија. Иронијата е во тоа што овие мислители сметале дека бизнисот ги надминува културните разлики и придонесува за сплотување на различни народи:
„Вистината е дека кога станува збор за трговијата, луѓето се однесуваат на ист начин, тие се раководени од истиот принцип, оној на сопствениот интерес", изјавил еден од нив.
Ова и денес звучи познато, нели?