Војната во Украина уште не завршила, во Германија го чекаат рускиот гас

Германската индустрија кризира додека е на терапија на одвикнување од рускиот гас. Охрабрени од напорите на Доналд Трамп да ја запре војната во Украина, компании во источниот дел на Германија веќе кројат планови за блиско идно време, кога рускиот гас повторно ќе протече низ вентилите. 

Фото: ЕПА

Европа издржа три тешки години откако ги затвори вентилите на гасоводите од исток. Најлошо помина најголемата економија Германија, чија индустрија се потпираше на евтин руски гас. Поскапувањето на струјата го запре развојот и принуди фабрики да го префрлат производството во странство.

За многумина политичари и бизнисмени сè уште е „анатема“ идејата за купување руски гас. Хемискиот гигант „БАСФ“, на пример, кој беше огромен конзумент пред да бидат затворени вентилите, објави дека нема подготвено сценарио за враќање на рускиот гас. Но, на истокот на Германија, каде што идејата е поприфатлива поради економската стагнација и историските врски со Русија, веќе се прават подготовки уште пред да биде постигнат мировен договор.

„Враќањето на рускиот гас би било логична последица“, вели Кристоф Гинтер, директор на хемискиот комбинат „Леуна“ во источна Германија. „Ако од Европа се очекува финансиски да помага во обновата на Украина во иднина, Германија мора да биде економски силна за да придонесе“.

Министерот за економија на провинцијата Саксонија-Анхалт, вели дека мировниот договор за Украина може да го промени пристапот за енергетски врски со Русија.

Ако постигнеме мир и изградиме долгорочна доверба дека Европа не е под закана од Русија, мораме исто така отворено да дискутираме за иднината на набавката на руски гас. Би било лошо трајно да ја отфрлиме, вели регионалниот министер Свен Шулце.

Министерството за економија инсистира дека независноста од рускиот гас има стратегиска важност и останува врвен приоритет.

Пред три години, кога почна инвазијата врз Украина, Европската Унија се согласи постепено да ги исфрли руските извори на енергија до 2027 година и постигна договор за набавка на енергенси од Америка, во форма на течен гас испорачуван со танкери. Терминалите и другата инфраструктура нема да бидат изградени пред 2026 година. 

 

4 март 2025 - 09:26