Војната во Кашмир го подели НАТО

Кина и Русија, стратегиските сојузници на Пакистан и на Индија, се воздржуваат од мешање во новата војна во Кашмир. Престрелката на соседите со нуклеарно оружје се одрази кај членките на НАТО. Мнозинството реагира неутрално, иако ѝ е наклонето на Индија, како важен пазар за продажба на оружје и воена опрема. Отскокнува Турција, која е поврзана со Пакистан по исламска линија.

Пакистан вети дека ќе возврати откако Индија почна серија напади врз локации во Пакистан и во делови од Кашмир. Имајќи предвид дека овие две земји се нуклеарни сили, секоја ескалација претставува глобален ризик. Затоа западните лидери како Доналд Трамп и Кир Стармер повикаа на дијалог и деескалација.

Сепак, еден сојузник на НАТО отскокна од редовите: Турција. Анкара ја осуди Индија за „провокативни чекори“ против Пакистан и негови граѓани. Турција го поддржа и повикот на Пакистан за независна и неутрална истрага за терористичкиот напад на 22 април во Кашмир, кој е наведен како повод за операцијата Синдор.
Поважно прашање е зошто Турција отворено застана на страната на Пакистан, особено кога поголемиот дел од западниот свет избра неутралност.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган годинава зборуваше за „непоколебливиот дух на братство“ меѓу Турција и Пакистан, главно поради заедничкото верување во исламот. Но, Турција и Пакистан, исто така, имаат и силно одбранбено партнерство за програми, истражувања и заеднички развој на воена опрема, како беспилотни летала.

Брод на турската морнарица неодамна е забележан во Карачи, а турски воен транспортер Ц-130 слета во Пакистан – според Анкара заради полнење гориво. Анкара и Исламабад претходно потпишаа договор за продажба на 30 хеликоптери, а Турција му помогна на Пакистан да изгради фабрика за артилериски гранати според стандардите на НАТО. Турција неодамна распореди напреден противподморнички брод во пакистанските територијални води како гест на солидарност.

Поддршката на Турција за Пакистан можеби не е директно закана за Западот, но создава тензии. Тоа е особено битно поради развојот на стратешките односи на Индија со другите членки на НАТО, како САД и Франција. Индија, заедно со Јапонија, САД и Австралија, е членка на безбедносната група QUAD, а Франција е главен снабдувач на воен хардвер за Индија. Пакистан веќе собори еден од 36-те борбени авиони „рафал“  што Индија ги купи од Франција.

Израел пак, кој не е член на НАТО, го поддржа „правото на самоодбрана“ на Индија, на која ѝ испорачува беспилотни летала, пушки и технологија за наведување.

Отворената поддршка на Турција за Пакистан го нагласува растечкото разидување во западната алијанса, која ги одразува длабоките културни, религиозни и стратешки јазови.

Како што Индија се усогласува со клучните западни сили како САД, Франција и Израел, позицијата на Турција не само што поставува прашања за единството на НАТО, туку и ја комплицира способноста на Западот да има кохерентен дипломатски фронт во Јужна Азија. Со зголемувањето на нуклеарните тензии и менувањето на глобалните сојузи, не гледаме само регионални престрелки, туку и бавно но значително престројување на глобалните блокови на моќта, забележува Хардип Синг за Unherd.

8 мај 2025 - 14:19