
Бандите истакнуваат дека обиколната рута преку Ирска е побезбедна алтернатива од досегашната главна рута за префрлање мигранти во Британија – со бротчиња преку каналот Ламанш. Британските власти ја засилија контролата на својот јужен брег и воведоа шема за брза депортација. Овие мерки го намалија бројот на албански мигранти што пристигнуваат со мали чамци од 12.658 во 2022 година на помалку од 1.000 лани.
Новата тактика на бандите ги принуди Граничните сили и Националната агенција за борба против криминалот подобро да го заштитат и брегот кон Ирска. Во април 20 албански мигранти биле пресретнати скриени во јахта во Корнвол, а во мај во Северна Ирска 33 лица биле приведени во акција против шверцери на луѓе што ја злоупотребувале зоната CTA за патување меѓу Ирска и Британија без пасошки контроли.
Ирска не е во Шенген зоната и за да се пристигне таму од Европската Унија потребна е идентификација со лична карта или пасош, но документите не се проверуваат често.
Криминалните мрежи се обидуваат да ги заобиколат робусните гранични проверки со измамнички тактики и потоа да заробат ранливи луѓе во понатамошни нелегални активности, изјави Бен Томас, заменик-директор за имиграциски мерки во британското Министерство за внатрешни работи.
Весникот „Телеграф“ објави репортажа како функционира каналот. На група на Фејсбук „Албанци во Велика Британија“ е објавен оглас: „Кој сака да оди на Островот и да му се придружи на своето семејство? Имаме најдобри начини и супер понуди.“
На репортерот што се претставил како потенцијален мигрант во пораки на Месинџер му бил препорачан најефикасниот начин.
Од Италија, стигнувате до Даблин, Ирска, а потоа во Британија. 4.000 фунти по лице. Парите се уплаќаат во Албанија. Ќе останете максимум ден или два во Неапол, а потоа ќе ве испратиме. Од Албанија до Италија со вашите албански пасоши, потоа од Италија до Даблин со италијански лични карти. Во Даблин, барате азил со албанскиот пасош, потоа одите во Северна Ирска и патувате во Велика Британија. По пристигнувањето во Британија, нема пасошка контрола.
Единствениот услов бил да нема забрана за влез во ЕУ.
Никој нема да ве допре на портите. Имаме информации и наш човек таму... Пред една недела испратив еден пар и едно дете во Даблин, со лет на Изи џет. Помина многу добро, му било порачано на репортерот.
Друга група на Фејсбук со 17.800 члена „Работа во Велика Британија“, на 7 јуни објавила оглас: „Камион, јахта и авион. Најдобри цени за оние кои сакаат да стигнат до Британија“. Цената за трансфер со камион била 5.000 фунти.
На профил на наводна британска службеничка се нуди помош за аплицирање за азил.
На секој што му е потребна помош со документи, јас работам за Министерството за внатрешни работи и им помагам на Албанците да подготват документи, да пишуваат писма до семејството и пријателите... сè што е потребно за да се изгради случај. Ве молам, пишете ми само ако сте сериозни.“
Мета објави дека ги отстранила овие групи откако биле пријавени од Телеграф: „Шверцот со луѓе е нелегален и го вршат организирани криминалци. Кога ќе откриеме корисници што ја координираат оваа активност ја отстрануваме од нашите услуги“.
******
Види и:
Албанци го контролираат кокаинот во Англија
Албанска евакуација од Данкирк
Предноста на илегалата
1 од 50 Албанци во Британија е во затвор