
Адријан Боненбергер во неговите болни епистоларни сведоштва за своите искуства од Авганистан (Afghan Post) каде што служел неколку години во две различни мисии, признава дека започнал како решителен, самоуверен, оптимистичен и идеалистичен млад офицер, за суровоста на реалноста, корупцијата и лагите да почнат да го кршат и да му раѓаат дилеми зошто воопшто се решил да волонтира.
Конечно, му станува јасно дека неговото искуство ќе биде помалку Хомер а повеќе Квака 22.
Селекција од пасоси даваат увид во таа прогресија:
Мојот живот е речиси перфектна хармонија... Ова е тоа што го сакав, чувство на рамнотежа, коегзистенција со светот. Мојата работа е точно она што треба да биде. Ја сум добар командир, човече! Животот се чини исправен.
Без разлика колку вооружени бунтовници ќе убиеме, се чини дека тие само ја зголемуваат својата бројка и вештини.
Има да ги гонам Талибанците додека не се откажат! Одбивам да сопрам. Ќе ги скршам со постојано патролирање.
Што правиме? Ова нема никаков смисол. Мислам дека човечноста излегува од мене.
Некаде при крајот на своето службување, ја разимира апсурдноста:
„Авганистан ме отрфла, како нога да немам стапнато овде, апсолутно непроменето.“
Мат Таиби разговара со него откако американскиот претседател Џо Бајден најави дефинитивно повлекување од Авганистан. Боненбергер смета дека таквата одлука е барем 10 години задоцнета.
„Го средија Бин Ладен во 2011. Тогаш требаше да излеземе. Останавме, без јасна причина зошто.“
Таиби: Меѓу твоите колеги со кои служеше, какви беа размислувањата? Зошто сте таму?
Тоа е одлично прашање и задира во сржта на проблемот со Авганистан. Нема објаснување зошто сме во Авганистан, зошто сме во Ирак, ќе добиете десет различни објаснувања на истото прашање. Не беше така за Виетнам. Колку и да ни беше глупава и лузерска идејата, сите ќе се сложеа дека сме таму за да се тепаме со комунизмот. А за Авганистан ќе добиете одговори дека има врска со тероризмот, дека има врска со минералите, или дека има врска со Кина, или со Бин Ладен...
Боненбергер се сеќава како се лажирале извештаите за да се добие чувство дека мисијата е оправдана. Секоја тура оперирала со карти од Авганистан, обележани со црвена боја за областите кои ги контролираат Талибанците и со зелена боја за деловите кои се под контрола на САД и сојузниците. Секоја тура војска полека ги позеленувала деловите, за на следната тура да ѝ ги предадат речиси сосема зелени. А новата тура веднаш ги поцрвенувала и потоа сè од почеток.
За време на моето второ бивање таму, изградивме некое школо кое чинеше 20 милиони долари. Се изгради ама моравме да отидеме и да направиме конечен преглед на изведбата. Се наоѓаше на територија која ја контролираа Талибанците. Со битки се пробивавме до таму за да откриеме дека Талибанците го користат објектот како свој регрутен центар. Со битки се пробивавме и назад во базата. Никогаш повеќе не стапнавме таму.
Американската војска го напушта Авганистан со 80% од територијата под контрола на Талибанците. Повеќе отколку пред да дојдат таму.