
Моделите со вештачка интелигенција знаат да халуцинираат, но една третина од Британците би ги прифатиле како правни застапници наместо традиционалните адвокати, покажува нова анкета на Perspectus Global со која биле опфатени 4.152 луѓе. Единствениот услов за огромно мнозинство од 93% испитаници е машината да биде надгледувана од човек.
Анкетата ја одразува фрустрацијата на граѓаните од британскиот правен систем, кој општо се смета за скап, елитистички и тешко пристапен.
На прашањето што најмногу би ги поттикнало да користат вештачка интелигенција за правни услуги, дури 47% одговориле пониската цена, за 35% најважна е достапноста 24/7, а исто толку се надеваат дека побрзо ќе го завршат процесот.
Голема разлика прави и типот на процесот. На пример, 47% од испитаниците би дозволиле вештачка интелигенција да им го води процесот за изнајмување и 46% за сообраќаен прекршок, но машините се главно непожелни како бранители при развод (17%), спорови за технолошки вишок (17%) и за кривични дела (11%).
На правниот сектор му се потребни сериозни реформи. Луѓето сакаат побрза, поевтина правна помош, но не на сметка на човечкото расудување, вели Ричард Робинсон, извршен директор и основач на компанијата Robin AI.
Анкетата покажала исклучително ниска доверба во двете опции. Само 4% одговориле дека би ѝ верувале на вештачката интелигенција без надзор, а доверба во адвокат имал секој десетти испитаник.