Откако речиси две години ја води Украина обединета против руската инвазија, последниве месеци по неуспесите на контраофанзивата на Зеленски му се отворија неколку домашни политички фронтови, те против политичари како екс-претседателот Петро Порошенко и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, те против првиот човек на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужниј.
Ваквото разидување, Ричард Кемп во текстот за Телеграф го толкува како показател дека Украина нема јасна стратегија за тоа како во иднина да го тера конфликтот. Зеленски и понатаму инсистира дека Украина нема да отстапи ни педа од својата територија на Русија, иако оваа позиција станува потешка за одбрана по неуспехот на премногу ветуваната контраофанзива.
Наспроти овој став на Зеленски, се шпекулациите за мировни спогодби, па дури и предлог за референдум за потенцијалниот мировен договор. Една од опциите што се зборува во Киев е мировен договор во кој Русија прифаќа украинско членство во НАТО во замена за гаранции дека повеќе нема да има украински обиди за ослободување на територијата освоена од Русија.
„Вакви муабети можеби се чисти фантазии, но се божји дар за Бајден и голем број европски лидери кои едвај чекаат да добијат мировен договор и тоа што може поскоро.
Какво било разгледување на можноста за мировни преговори речиси гарантира пораз на Украина. На страна домашната политика во САД и ЕУ, кои за сега во основа запреа секаква понатамошна воена помош, Бајден и Европејците и до сега одбиваа да ја опремат Украина за да ја добие војната,“ пишува Кемп.
Неговата препорака за Зеленски е кога веќе нема намера да ги одржи планираните избори, да оформи влада на национално единство „која ќе го спречи ширењето на се покорозивното национално незадоволство кое само ги слабее воените напори на Украина.“
Во реалноста, Зеленски до сега нема предложено каква била вистинска стратегија, а од друга страна повеќе не може на Западот да му говори дека Украинците продолжуваат да се борат и за да ја заштитат Европа од Москва во време кога ниту еден поважен западен лидер не верува во такво нешто.
„Ако веруваа, тие уште одамна ќе направеа сè што е потребно за да се запре Путин а Украина да се снабди со масовните количества оружје неопходно за пораз на Русија.
Зеленски можеби е исцрпен од речиси две години војна, но тој мора да се фокусира на враќање на иницијативата,“ порачува Кемп.