Техеран до Вашингтон: Преговарате сами со себе

САД му испратиле на Иран нацрт-план од 15 точки за крај на војната, што ја одразува желбата на администрацијата на Трамп да се извлече од конфликтот и да ги запре катастрофалните економски и енергетски последици. „Никој како нас нема да склучи договор со вас. Не сега. Никогаш“, одговори портпарол на иранската војска.

Планот бил доставен преку началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Сајед Асим Мунир, кој одржува блиски врски со Револуционерната гарда на Иран, а лани два пати се сретнал и со американскиот претседател Доналд Трамп.

Според извори на Њујорк тајмс, фелдмаршалот неодамна контактирал со Мохамед Багер Галибаф - претседателот на иранскиот парламент и поранешен командант на Револуционерната гарда, и му предложил Пакистан да биде домаќин на директни преговори за крај на војната.

Изворите велат дека иранското раководство било изненадено од мировната иницијатива и дека се сомневало во искреноста на понудата.

Дали нивото на вашата внатрешна борба достигна фаза каде што преговарате сами со себе?, подбивно коментираше Ебрахим Золфакари, портпарол на Централниот штаб на иранската војска.

Израелскиот Канал 12 ги објави точките во целост. Од Техеран се бараат 11 обврски, а му се нудат три отстапки. Последната точка предвидува прекин на огнот од 30 дена за да се финализира траен мировен договор.

Што се бара од Иран:

1. Целосно демонтирање на постоечка инфраструктура поврзана со нуклеарно оружје;
2. Правно обврзувачки договор дека никогаш нема да се обиде да создаде нуклеарно оружје;
3. Итно запирање на сите активности за збогатување ураниум на иранска територија;
4. Предавање на сите залихи на збогатен ураниум на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ);
5. Физичко демонтирање на нуклеарните капацитети во Натанц, Исфахан и Фордо;
6. Овозможување неограничен пристап на инспекторите на МААЕ до сите локации и информации;
7. Формално откажување од стратегијата на користење проирански милиции во регионот, како Хезболах и Хамас;
8. Стопирање на секакво финансирање и вооружување на овие групи;
9. Ормускиот теснец ќе остане отворен како слободна поморска зона - и никој нема да го блокира;
10. Ограничување на дострелот и бројот на балистички ракети;
11. Користење на ракетните капацитети исклучиво за самоодбрана.

Што ќе добие Иран:

12. Целосно укинување на меѓународните економски санкции поврзани со нуклеарната програма;
13. Помош од САД за строго надгледувана програма за развој на нуклеарни капацитети за производство на струја (како нуклеарната централа Бушехр);
14. Отстранување на заканата од автоматско враќање на санкциите на ОН.

Иранското Министерство за надворешни работи, кое претходно ја отфрли како „психолошка војна“ изјавата од Трамп дека почнале директни преговори, инсистира дека нема да прифати услови кои би го нарушиле иранскиот суверенитет. Зад „црвената линија“ на Техеран се сите барања за целосно демонтирање на нуклеарните објекти.

И покрај острата реторика, пакистанските посредници тврдат дека предлогот од 15 точки е примен во Техеран. 

25 март 2026 - 07:40