Тивка дипломатија го притиска Трамп да преговара со Иран

Не помина ни еден месец од преговорите во кои Иран се откажа од нуклеарната програма и понуди економска соработка со САД. Трамп, под притисок на Израел, се реши на војна. Неколку илјади жртви подоцна, по огромни уништувања, воени трошоци и глобална нафтена криза, Трамп повторно е за преговори, но против себе има многу повоинствен режим во Техеран.

Доналд Трамп сè уште се воздржува да одговори што го поттикнало неговиот пресврт во односот кон Иран. Во саботата се закани со уништување на енергетската инфраструктура на Иран ако не биде деблокиран Ормускиот проток, а непосредно пред да заврши ултиматумот од 48 часа ненадејно објави дека веќе почнале мировни преговори за крај на војната. Најави петдневно запирање на нападите, за да остави простор за дипломатска офанзива.

Имавме многу, многу силни разговори. Ќе видиме каде ќе водат. Имаме точки, главни точки на договор - би рекол речиси сите точки на договор, потврди синоќа Трамп, повторно избегнувајќи да навлегува во детали.

Волстрит журнал пишува дека дипломатскиот канал бил отворен уште пред заканата на Трамп во саботата. Министрите за надворешни работи од Египет, Турција, Саудиска Арабија и Пакистан се собрале во четврток во Ријад на разговори со цел да се најде дипломатски излез од војната. Главниот проблем, според арапски претставници вклучени во дискусиите, бил да се најде функционер во Техеран со кој може да се преговара. Една недела претходно Израел го ликвидираше шефот за национална безбедност Али Лариџани, кој се сметаше за потенцијален партнер со кој може да се постигне одржлив договор. 

Египетските разузнавачки претставници успеале да отворат канал со Корпусот на исламската револуционерна гарда на Иран - паравоената група што го штити иранскиот режим и е најмоќниот безбедносен и политички ентитет во земјата - и понудиле петдневен прекин на нападите, за да се изгради меѓусебна доверба.

Арапските земји, кои ја отворија иницијативата, се фокусирале на отворањето на Ормускиот теснец, низ кој обично течат 20% од светскиот извоз на нафта. Тие побарале теснецот да биде надгледуван од неутрален комитет што ќе овозможи безбеден пристап за сите бродови. Револуционерната гарда побарала Иран да собира такси од транзитните бродови, исто како што Египет сега прави со Суецкиот канал. Тоа било отфрлено од заливските земји, а Саудиска Арабија истакнала дека нема да дозволи Иран да има контрола врз сообраќајот, што би можело да го зацврсти влијанието на Техеран во регионот.

Дискусиите, сепак, продолжиле. Свои дипломатски канали отвориле и Катар, Оман, Франција и Британија. Било предложено Пакистан да биде домаќин на состанок на високи американски и ирански функционери. Посредниците во понеделникот го известиле Трамп дека дипломатската мисија дава надеж и го убедиле да ги одложи заканите за напади. САД брзо се загреале за таа идеја, велат функционери запознаени со процесот.

Ова се чувствителни дипломатски дискусии и САД нема да преговараат преку печатот. Ситуацијата е флуидна и шпекулациите за состаноците не треба да се прифаќаат како точни сè додека не бидат официјално потврдени од Белата куќа, изјави портпаролката Каролин Ливит.

Арапските медијатори приватно изразиле скептицизам дека САД и Иран би можеле брзо да постигнат договор, бидејќи војната уште повеќе ги спротивстави нивните позиции. Ирански функционери објавија дека нема да преговараат со САД, а изјавата на Трамп ја оценија како „купување време“ и обид за манипулации со цената на нафтата на берзите.

Позицијата на Техеран, според изворите на Волстрит журнал, е да добие гаранции дека САД и Израел нема да извршат нови напади, како и да бидат надоместени штетите претрпени од војната.

САД сè уште го сакаат она што го бараа од Иран пред почетокот на војната: уништување на нуклеарните активности на Техеран, суспендирање на програмата за балистички ракети и прекинување на поддршката на проиранските милиции во регионот.

Преостануваат уште неколку дена за да се организира директна средба на американски и ирански претставници, веројатно во Пакистан или во Турција, според извори од САД и арапските земји. Се очекува во процесот да бидат вклучени американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, но не се знае кој би го претставувал Иран.

Мохамад-Багер Галибаф, претседател на иранскиот парламент и поранешен висок офицер во Револуционерната гарда, вчера изјави дека Техеран не е подготвен за преговори.

Иранскиот народ бара целосно и каење на агресорите. Немало преговори со САД. Таквиот оптимизам се користи заради манипулирање со финансиските и нафтените пазари и за бегство на САД и Израел од мочуриштето во кое заглавија, коментираше Галибаф неколку часа по првичните коментари на Трамп.

Никол Грајевски од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, вели дека Галибаф е еден од ретките преостанати високи функционери кои би можеле да го убедат политичкото раководство на Иран и тврдокорните да прифатат договор. 

Но, се смета дека е малку веројатно дека Галибаф би ја напуштил земјата, освен ако не биде договорена средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, тврдат изворите.

Техеран би можел да го испрати министерот за надворешни работи Абас Арагчи, но тој веќе е разочаран од преговорите со Виткоф во Женева, на кои прифати тешки отстапки, а сепак САД почнаа војна.

Не се знае во каква здравствена состојба е новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи - чиј татко, сопруга и сестра беа убиени во воздушните напади.

На прашањето кој ќе го контролира Ормускиот теснец кога ќе заврши војната, Трамп изјави: „Можеби јас. Јас или ајатолахот, кој и да биде идниот ајатолах“. Трамп додаде дека САД биле во контакт со висок ирански функционер „почитуван во Техеран“, но одби да го именува, за да не го загрози.

24 март 2026 - 08:06