- Поради војната во Иран и глобалната енергетска криза, Европската комисија го повлече предлог-законот за забрана за увоз на руска нафта што требаше да го претстави на 15 април.
- Иницијативата не е целосно укината, туку ќе биде одложена за подоцна. „Не можам да ви кажам нов датум, но ве убедувам дека остануваме посветени на овој предлог“, изјави портпаролката Ана-Каиса Итконен.
- По руската воена инвазија врз Украина, Европската Унија постепено го намалуваше увозот на руска нафта. Со новиот закон увозот треба да се спушти на нула од есента идната година. Законот се води како енергетска политика, а не како надворешна, поради што може да биде усвоен со квалификувано мнозинство гласови.
- Унгарија и Словачка - единствените членки што купуваат руска нафта, најавија дека ќе ја обжалат забраната.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.