Трамп му ја префрла на Хегсет одговорноста за војната против Иран

Се чини дека претседателот Трамп најде жртва во својот кабинет на која може да ја префрли вината за несфатливата одлука да почне војна со Иран. Тој тврди дека шефот на Пентагон бил првиот во неговиот тим што предложил да почне војната. Хегсет се вклопува во улогата на „жртвен јастреб“ како функционер што редовно ги фали воените „успеси“ на операцијата Епски бес.

Притисокот врз Хегсет се поклопува со ненадејниот пресврт на фокусот на Трамп од воено на дипломатско поле. Трамп сега вели дека имало „многу добри“ разговори со ирански претставници, иако Техеран ја отфрли неговата изјава како „купување време додека бара начин како да ги извлече САД од мочуриштето“.

На тркалезна маса на Безбедната работна група во Мемфис, седнат веднаш до шефот на Пентагон, Трамп изјави дека Хегсет бил првиот што притискал на воена опција поради нуклеарната закана од Техеран.

Го повикав Пит, го повикав генералот (Ден) Кејн. Повикав многу од нашите одлични луѓе... И им реков: Ајде да разговараме. Имаме проблем на Блискиот Исток. Имаме земја, позната како Иран, која 47 години создава само терор, и тие се многу блиску до тоа да имаат нуклеарно оружје. Можеме да продолжиме така и да ги зголемиме на 50 на 55 и 60, нема крај, или можеме да запреме и да направиме мало патување во Блискиот Исток и да елиминираме голем проблем, раскажал Трамп.

А, потоа лично му се обратил на Хегсет: Пит, мислам дека ти беше првиот што проговори и кажа „Ајде да го направиме тоа, бидејќи не можеме да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје“.

Трамп претходно изјави дека потпретседателот Џ.Д. Венс, долгогодишен критичар на воените интервенции во странство, бил помалку загреан за војна против Иран. Поскептични од Хегсет биле и државниот секретар Марко Рубио и шефицата на кабинетот Сузи Вајлс.

Издвојувањето имиња од сопствениот кабинет доаѓа во чувствителен политички момент, кога Трамп мора да мисли и на изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во ноември. Кампањата веќе почна, а рејтингот на администрацијата тоне поради поскапувањето на горивата, огромните воени трошоци и првите жртви. 

Џо Кент, поранешниот раководител на Националниот центар за борба против тероризмот, беше првиот висок функционер кој поднесе оставка од администрацијата на Трамп поради војната.

Хегсет, од друга страна, стана „гласот на војната“. Редовно одржува брифинзи во Пентагон и говори за уништување на иранската програма за балистички ракети, нуклеарните капацитети, и морнарицата, како и за десеткување на функционери од иранскиот режим.

На прашањето кои се целите и кога војната би можела да заврши, тој внимателно ја префрли одговорноста врз претседателот.

Не сакам да поставувам дефинитивен временски рок. Ние сме на многу добар пат. Конечната одлука како ќе заврши војната ќе ја донесе претседателот Трамп, изјави Хегсет.

24 март 2026 - 11:23