Некој дебело профитирал на берзите од изјавата на Трамп

Само 15 минути пред ненадејната изјава на Трамп дека САД преговараат со Иран за крај на војната, на берзите на нафта биле направени трансакции од над половина милијарда долари. Оние што ја продавале нафтата по 110 долари за барел се збогатиле, бидејќи цената веднаш падна на 84 долари. Сомнителни тргувања имаше и на денот кога почнаа нападите врз Иран.

Во понеделникот рано наутро во 6.49 часот, во време кога берзите вообичаено се мирни, за неполна минута имало близу 6.200 тргувања со договори за типовите на нафта „WTI“ и „брент“. Вкупната номинална вредност на продадената нафта во овој период надминала 580 милиони долари, според пресметките на Фајненшл тајмс и податоците од Блумберг.

Во 7.04 часот по њујоршко време Трамп на својата социјална мрежа ја објави пораката дека „имало продуктивни разговори со Техеран за крај на војната во Иран“. Изјавата ги смири стравувањата на инвеститорите дека нафтената криза ќе се влошува, поттикна масовна продажба и цената на нафтата за неколку минути падна за 14% на околу 84 долари за барел.

Тоа значи дека оние што продавале нафта во критичниот период од 15 минути пред изјавата на Трамп имале добивка од десетици милиони долари. Берзански аналитичари велат дека толкаво зголемување на трговијата за толку кратко време не може да е случајно и се сомневаат на протекување инсајдерски информации од Белата куќа.

Непосредно пред Трамп да ја објави пораката на социјалните медиуми, доста луѓе склучија договори што ќе им овозможат да профитираат од падот на цената на нафтата. Има шпекулации за инсајдерско тргување. Не знаеме дали тоа е вистина, но се надеваме дека ќе има некаква истрага, вели Рејчел Винтер од фирмата за управување со капитал „Килик“.

Сомневања за инсајдерско тргување имаше и непосредно пред објавувањето на војната против Иран. Утрото на 28 февруари, шест часа пред САД и Израел да ги истрелаат првите проектили кон Техеран, 13 корисници вложиле вкупно 66.993 долари на облогот дека ќе има напад истиот ден. Оствариле профит од 330.000 долари. Од 13-те корисници, 12 биле регистрирани неколку дена порано.

Не е познато колку ентитети биле одговорни за вчерашните тргувања на берзите на нафта.

Тешко е да се докаже причинско-последичната врска, но мора да се запрашате зошто имало толку агресивна продажба 15 минути пред објавата на Трамп... Мојата интуиција од следењето на пазарите во изминатите 25 години ми кажува дека ова не е нормално. Понеделник наутро е, нема важни податоци, нема изјави од федералниот трезор. Тоа е невообичаено висока трговија за ден без ризик од настан... Некој штотуку стана многу побогат, коментира брокер од голем хеџ фонд во Њујорк.

Сомневања изрази дури и спикерот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф, кој ја негираше изјавата на Трамп дека САД и Иран почнале преговори.

Ова се лажни вести заради манипулирање со финансиските и нафтените пазари и за бегство на САД и Израел од мочуриштето во кое се заглавени, изјави Галибаф.

24 март 2026 - 14:07