Трамп го актуелизираше плаќањето членарина за НАТО уште за време на кампањата 2016 и за време на цел негов мандат тоа беше тема на спорење меѓу него и лидерите на европскиот дел од НАТО.
Како што објаснува Блумберг, предлогот за зголемување на границата од 2 на 3 проценти за сега е само идеја која се уште не е издигната на ниво на формална политика на Трамп.
Зголемувањето од 2 на 3 проценти би значело нови илјадници милијарди долари потрошени на одбраната на НАТО членките. Моментално само три држави, САД, Полска и Грција, минатата година потрошиле над 3% од својот БДП на одбрана.
На НАТО самитот во 2018 самиот Трамп предложи дека потрошувачката треба да биде многу поголема и да достигне 4% од БДП, сума која моментално ни САД не ја троши.
Луѓе блиски на Трамп и неговата кампања, објаснуваат дека предлогот најверојатно претставува „преговарачка тактика чија цел е да се притиснат сојузниците постојано да работат на зголемување на инвестициите во одбрана.“
На почетокот од годинава полскиот претседател Дуда повика сите членки да ја достигнат границата од 3%, а слично ветување дадоа и балтичките држави.
Секое зголемување на членарината ќе бара одобрување од сите земји членки на Алијансата. Дури и постојната граница од 2% не е официјална, туку е препорака донесена во 2014.
Трамп се уште е на истиот став од пред четири години, дека САД нема да „скокне“ за која било држава што не ги испочитувала 2%.
Во 2024, 23 од 32 членки на НАТО се на пат да потрошат 2% од БДП-то на одбрана. Во 2020 беа само 9.
3-те проценти би значеле дека Германија ќе треба годишно да троши дополнителни 900 милијарди долари на одбрана, а држави како Франција, Италија, Шпанија и Канада по 500 милијарди плус, секоја.