Тоа што е „цензура“ во Турција, во ЕУ e „заштита на малолетници“

Анкара и Канбера воведоа слични забрани за пристап до социјалните платформи. Медиумите ја критикуваат едната како „авторитарен надзор“, а ја фалат другата како „заштита на младите“. ЕУ има уште поелегантна цензура – ги замолкнува критичарите без да апси луѓе. Во трите случаи слободата на изразување е задушена. Анкара, за разлика од Брисел го признава тоа.

Кога турскиот парламент на 23 април усвои забрана за социјалните медиуми за деца и млади под 15 години, германските медиуми како Тагесшау, Шпигел, Дојчландфунк и Цајт ја проследија веста со изрази на загриженост за „зголемениот надзор“ од „авторитарно општество“ и како „крај на анонимноста“. Пренесоа ставови на опозицијата, која ја обвини владата на Реџеп Таип Ердоган дека воведува нови ограничувања под маската на заштита на децата.

И сето тоа е оправдано, но интересна е споредбата со извештаите во овие медиуми за сличните мерки што прва во светот ги воведе Австралија во декември 2024 година, потоа Индонезија, а пред два месеци и Грција, прва од членките на ЕУ. Во ниту еден од извештаите за овие случаи не доминираа термини како „надзор“ или „цензура“, туку „храбар чекор кон заштита на младите луѓе“ (за Австралија).

Техничката разлика во ограничувањата е минимална. Канбера им наложи на платформите да потврдат дека корисниците се на возраст над 16 години и предвидува казни до 49,5 милиони австралиски долари. Турција бара проверка на возраста преку државниот систем e-Devlet. Во двата случаи ефикасно се губи анонимноста на употребата на платформите. Се создава инфраструктура што може да го поврзе секој пристап со идентитет потврден од државата.

Но, разликата во политичкиот контекст е голема. Оние што иста мерка еднаш ја сметаат за „чекор кон авторитаризам“, а друг пат за „заштита на потрошувачите“ всушност пишуваат за доверба во соодветниот режим, што е легитимно, но треба да се аргументира.

Со Законот за дигитални услуги (DSA) од 2023 година, Европската Унија го создаде досега најсеопфатниот регулаторен режим за онлајн платформи во западната демократија. Само во првите два месеца од воведувањето на законот биле поднесени вкупно 156 милиони забелешки до базата на податоци за транспарентност на ЕУ.  TikTok модерирал над 100 милиони содржини, од кои повеќе од 60% биле целосно автоматизирани. Најчестите наведени причини биле: надвор од услугата на платформата (49%), нелегален/штетен јазик (28,5%) и порнографија (8,8%). Дезинформациите – изразот што се користи за политичко оправдување на архитектурата на DSA - учествувале со занемарлив дел. Тоа значи дека платформите веќе го прават она што треба преку алгоритми, без повеќето корисници да забележат.

Истражување на Квинтеас за спроведувањето на Директивата за авторски права открива системски проблем кој е речиси целосно игнориран во политичката дебата: прекумерно блокирање и бришење содржини како превентивна мерка. Казните се строги, па платформите решаваат да ги бришат и содржините од „сивата зона“. За време на пандемијата, беа отстранети спротивставени научни мислења за ефикасноста на вакцините. Во 2021 и 2023 година непропорционално беше ограничена пропалестинска содржина. Сатирата се брише во филтрите, кои не можат да направат разлика помеѓу пародија и прекршување на одредбите.

Разликата помеѓу ЕУ и Турција е реална, но таа е во механизмот, а не во исходот. Во Турција, обвинување за „дезинформации“ води до кривично гонење, затворање и репресија. Во ЕУ, тоа води до „мека цензура“: намалена видливост, демонетизација, забрана во сенка и алгоритамска невидливост. Никој не е уапсен, но гласовите сепак исчезнуваат, само поелегантно.

Постои уште еден ефект што критичката литература за модерирање на платформи го опишува со години, но ретко се споменува во политичката дебата: преголем број корисници. Додека регулаторите и платформите се расправаат за тоа која содржина мора да се отстрани, просечниот корисник се дави во поплава од содржина генерирана од самите алгоритми кои сега одлучуваат и за бришење.

Тоа создава парадоксална ситуација: Најсеопфатниот регулаторен режим во историјата нуди најмалку веродостојни податоци што всушност се случува. Извештаите за транспарентност на DSA се нетранспарентни. Тие откриваат дека се случува модерација, но не откриваат зошто во поединечни случаи, кој одлучил, и кои критериуми ги применуваат организациите за проверка на факти што соработуваат.

5 мај 2026 - 13:00