Среќни 91 година се појаки од 400 милијарди долари

Роналд Вејн некогаш поседуваше 10 проценти од Епл. Денес, тој удел би можел да вреди околу 400 милијарди долари. Но, го продаде за 800 долари. Тоа се смета за една од најлошите грешки во деловната историја, особено сега кога Епл берзански е проценет на околу 4 трилиони долари. Но, Вејн, кој денес има 91 година, не го гледа тоа така.

„Мојот успех никогаш не бил дефиниран од парите“, напиша тој неодамна за Fortune. „Тој е дефиниран со постапување со јасност, интегритет и здрава проценка, се разбира, врз основа на информациите што сум ги имал во одредено време“.

За обичните луѓе, приказната може да биде лекција за тоа како ризикот, времето и личните околности ги обликуваат финансиските одлуки и зошто очигледниот избор, гледано ретроспективно, ретко е „очигледен“ во моментот.

Кога Вејн ја ко-основаше Епл во 1976 година заедно со Стив Џобс и Стив Вознијак, тоа беше компанија со несигурна перспектива и имаа само една голема нарачка, и тоа делумно финансирана со заем од 15.000 долари и врзана за купувач со несигурна репутација за плаќање.

Позицијата на Вејн била различна од онаа на неговите помлади партнери. На 41 година, тој бил „возрасниот“ во играта, со куќа, автомобил и лични заштеди што не можел да си дозволи да ги изгуби. Ако бизнисот пропаднел, доверителите ќе ги искористеа неговите лични средства за да ги покријат загубите.

За него, ризикот бил потенцијално катастрофален па, само 12 дена по потпишувањето на основачкиот договор, го продава својот удел од 10% за 800 долари.

Подоцна прифатил дополнителни 1.500 долари за целосно да се откаже од сите идни побарувања.

Отпосле, тоа изгледа како катастрофална финансиска грешка. Но, врз основа на информациите достапни во тоа време, тоа била пресметана одлука за ограничување на ризикот, наместо бркање неизвесна исплата. Вејн ја продолжил кариерата како инженер.  

Во историјата на деловните одлуки постојат многу легендарни „можевме, требавме“ одлуки.

Извршниот директор на Ексајт, Џорџ Бел, се има откажано од купувањето на Гугл за само 750.000 долари во 1999 година. Јаху двапати пропушти шанса да го купи Гугл, еднаш за само еден милион долари и повторно за околу 5 милијарди долари. И стариот партнер на Вејн, Вознијак, денес ќе беше многу побогат ако не продадеше добар дел  од своите акции на Епл во 1985 година.

Роналд Вејн денес има 91 година. А глупо е секогаш, а на 91 година посебно, да се каеш за некакви пари.

3 мај 2026 - 10:53