Главната стратегија на САД со децении се темелеше на верувањето дека нејзините неспоредливи воени капацитети ѝ овозможуваат да ја одржи глобалната стабилност и да ги обликува исходите низ цели региони. По неуспесите во Ирак и Авганистан и хаосот во Иран, Американците извлекоа суров заклучок: цената на таа супериорност повеќе не е одржлива и повеќе не им служи на нивните интереси.
Стратегија што зависи од воена доминација насекаде и во секое време, неизбежно значи дека САД во секое време некаде се во војна. Сепак, и покрај тоа што Американците се уморни од оваа бескрајна војна и од најавите на политичарите дека ќе ја прекинат, инерцијата и моќните економски интереси го задржаа овој пристап недопрен. Прашањето што сега се поставува е дали можеби дебаклот на Доналд Трамп во Иран конечно ќе го прекине овој модел. Раните знаци сугерираат дека последиците може да ги надминат дури и оние од војната на Џорџ Буш во Ирак.
САД ја добија војната во Ирак за помалку од три недели. Нивната воена доминација никогаш не беше доведена во прашање, но го загубија мирот и не ја стабилизираа земјата во која почна бунт.
Меѓутоа, во Иран, САД дури и не ја добија воената фаза од конфликтот, и покрај тоа што се соочија со многу послаба конвенционална воена сила. Иран ја искористи географијата и асиметричните тактики за да ја придуши американската моќ и да ѝ нанесе стратешки пораз. Раните тврдења дека американските воздушни напади значително ги деградирале капацитетите на Иран за беспилотни летала и ракети сега изгледаат претерани. Лекцијата е јасна: контролата на небото не гарантира контрола на исходот, а без волја за распоредување копнени сили американската воена хегемонија почнува да изгледа сè пошуплива.
Војната против Ирак, иако заврши со неуспех, ја постигна својата непосредна цел: соборување на режимот на Садам Хусеин. Во Иран, се чини дека се случи спротивното. Наместо да го загрози режимот, војната веројатно го зајакна токму во време кога изгледаше ослабен од домашните протести.

Стивен Волт, професор на Харвард, забележува дека иако војната во Ирак го дестабилизираше регионот, нејзините глобални последици беа релативно ограничени. Таа не предизвика нафтена криза, широко распространет недостиг на храна или големи нарушувања на синџирот на снабдување. Иран, пак, веќе ги доведе енергетските пазари во превирања, ја крена цената на нафтата и гасот до рекорден максимум и предизвика енергетски кризи во повеќе земји. Таа, исто така, фундаментално го преобликува геополитичкиот пејзаж на Персискиот Залив во годините што доаѓаат.
Се појавува различен вид глобален поредок, кој не е дефиниран со доминација, туку со меѓусебно негирање. Во овој свет, големите сили не можат едноставно да ја наметнат својата волја, а помалите држави можат да им се спротивстават по цена што можат да ја издржат. Резултатот не е хаос, туку ограничување, забележува Трита Парси, аналитичар роден во Иран и коосновач на Институтот Квинси.
Тој смета дека најверојатниот исход од сегашниот застој меѓу САД и Иран не е ниту договор ниту враќање кон активна војна, туку продолжена, нестабилна рамнотежа. Трамп можеби ќе се откаже од преговорите, но малку е веројатно дека повторно ќе влезе во целосна војна. Не затоа што САД немаат капацитет, туку затоа што им недостасува стратешка слобода да го користат.
За земјите кои во голема мера зависат од заштитата на САД, ова е повик за будење. Ова не значи дека сојузите ќе се распаднат, но сигурно ќе се променат. Земјите ќе стават поголем акцент на регионалните рамнотежи на моќ, наместо да се потпираат на еден гарант.
Во таа смисла, Иран е само забрзување на трендот што почна пред војната. Ирак и Авганистан открија дека западната окупација и промената на режимот имаат граници. Украина ја откри ранливоста на големите конвенционални сили. Иран сега ги открива границите на воената принуда. Овие конфликти укажуваат на помултиполарен свет - не затоа што се појавиле нови големи сили, туку затоа што постојните повеќе не можат да доминираат како некогаш.
Опасноста за САД не е ирелевантноста, туку тоа што продолжува со стратегија дизајнирана за свет кој повеќе не постои. Истото важи и за земјите се потпираа на американската воена доминација. Победници на крајот ќе бидат оние што ќе се прилагодат, заклучува Парси.