Парадокс во Германија:

Сончевите централи ја спуштиле цената на струјата на минус 500 евра за MWh

Цената на струјата во Германија на 1 мај паднала на законски дозволениот минус од 499,99 евра. Оваа сума, со пари од даночните обврзници, ја плаќале операторите за секој потрошен мегават-час од огромниот вишок генериран од сончевите колектори. Ако не помогне и негативната цена, ќе има парадоксален ефект од премногу струја – неколкучасовни рестрикции во некои региони.

Генерираната електрична енергија од 6-те милиони инсталирани фотоволтаични системи во Германија, кои не се целосно контролирани, втора недела по ред ја спушти цената на струјата во негатива. Во период од шест часа на 1 мај германските оператори им плаќале на соседните земји по 500 евра по мегават-час за некој да го користи вишокот струја.

За домаќинствата тоа не значи ништо - плаќаат просечно по 37 центи за киловат-час. Потрошувачите што директно купувале струја од трговците на големо плаќале по нула центи, а добивале и по 50 центи за да користат дополнителна електрична енергија како еден вид „такса за отстранување на отпад“. 

Ладилници користеле бесплатна струја за да ги намалат температурите за уште 10 степени. Топилниците можеле поинтензивно и подолго да ги загреваат котлите. Зошто да не, ако владата плаќа за тоа? Дополнителните трошоци ќе бидат покриени од федералниот буџет како „мрежни такси“.

Ако и покрај субвенциите од овој обем нема доволно купувачи за „зелена“ електрична енергија, операторите на мрежата мора да се осигурат дека вишокот не ја загрозува стабилноста на мрежата. Ако достапните гигавати не бидат целосно искористени, електраните ќе мора да го намалат своето производство или целосно да бидат исклучени.

Слична била ситуацијата и минатиот викенд, кога вредноста на мегават-час сончева електрична енергија паднал на минус 480 евра.

Според Федералната агенција за мрежи (BNetzA), домашното производство во периодот од 9 до 17 часот изнесувало 401 гигават-часови, од кои околу 306 доаѓале од фотоволтаични системи. Домашната потрошувачка била 393 гигават-часови. Разликата од приближно 8 Gwh била извезена на европскиот внатрешен пазар.

Во периодите со негативни цени на пазарите може да се претпостави дека практично сите контролирани постројки престанале со производство, бидејќи во спротивно би морале да платат високи износи за внесување струја во мрежата. Неконтролираните мали постројки не реагираат на силни сигнали за цената на електричната енергија. Ова особено се однесува на бројните приватни инсталации за соларни панели на покривот, соопшти BnetzA.

Батериските капацитети за складирање во Германија не се доволни за да го апсорбираат вишокот сончева енергија.

Под претпоставка дека единиците за складирање се целосно празни, овие системи теоретски би можеле да складираат 28 гигават-часови, но би биле целосно наполнети по приближно 96 минути, додава Федералната агенција за мрежи.

Според правилата на берзите за електрична енергија, кога две недели по ред цената оди во минус, почнува 30-дневен период на набљудување, по кој берзите како EPEX Spot во Париз би можеле да ја спуштат максималната граница за уште 100 евра.

Ако дури и оваа интервенција се покаже како недоволна, единствената преостаната опција е да се испратат цели региони во контролирано, временски ограничено затемнување. 

4 мај 2026 - 13:19