Пред кризата што ја зафати светската економија во 2008 година, имаше рани предупредувања. Една година претходно пропаднаа инвестиции во ризични американски хипотеки бидејќи сопствениците на куќи се мачеа да платат. Фондовите управувани од големите банки мораа да ја замрзнат можноста на инвеститорите да ги подигнат своите пари или целосно да ги ликвидираат средствата. Нервозата се ширеше, па банките на крајот престанаа да си позајмуваат едни на други од страв да не ги вратат парите. „Кредитната“ криза прерасна во глобална.
Банкарските регулатори препознаваат сличности со тоа што се случува денес. Некои приватни кредитни фондови - BlackRock, Blackstone, Apollo и Blue Owl, кои се алтернатива на традиционалните банки, пријавија загуби или ја ограничија можноста на инвеститорите да ги подигнат своите пари.
Мохамед Ел-Ериан, главен економски советник на германската фирма Алијанц и поранешен директор на ПИМКО - најголемиот инвеститор во обврзници во светот, укажува дека ограничувањата поставени на банките по кризата го родија новиот приватен кредитен пазар. Банките станаа повнимателни, па празнината ја пополнија фондови што имитираат банки.
Застрашувачко сценарио би било кога секој што позајмува пари во исто време ќе ги побара своите пари назад, предупредува Ел Ериан.
Сара Бриден, заменик-гувернер на Банката на Англија, вели дека новиот свет на приватниот кредит брзо расте, но сè уште не е тестиран од финансиски тешкотии.
Приватните кредити се зголемија 2.500 милијарди долари во последните 15 до 20 години. Има позајмени пари, нетранспарентност, сложеност и меѓусебни врски со остатокот од финансискиот систем. Сето тоа се личи на она што го видовме во глобалната финансиска криза, вели Бриден.
Друг начин на кој се повторува историјата е поскапувањето на енергијата. Цената на суровата нафта „брент“ се искачи од 50 долари за барел на почетокот на 2007 година на 100 долари до крајот на годината, достигнувајќи врв од 147 долари во јули 2008 година. Тоа беше поттикнато од зголемената побарувачка од Кина и делумно од геополитичките тензии поврзани со Иран.
Денес, цените на нафтата се искачија на над 100 долари за барел, со предупредување дека би можеле да се кренат ако набрзо не биде отворена најважната енергетска артерија во светот.

Фатих Бирол, директор на Меѓународната агенција за енергија, ја нарече блокадата на Ормускиот теснец „најголемата криза на енергетската безбедност во историјата“. Тој тврди дека оваа криза е посериозна од енергетски шокови од 1973 година (кога некои арапски држави воведоа нафтено ембарго кон Западот), од 1979 година (предизвикани од иранската револуција) и од 2022 година (кога почна војната во Украина). Таа загриженост сè уште не се одразува на цените на нафтата.
Бриден истакнува на уште еден ризичен фактор. Над 2.000 милијарди долари се вложени во вештачка интелигенција, што Бил Гејтс го нарекува „лудило“, а други го опишуваат како меур. Тоа придонесе 37% од вредноста на главниот американски берзански индекс, S&P 500, да бидат концентрирани во само седум компании (вклучувајќи ги Нвидиа, Микрософт, Алфабет и Амазон). Тоа значи дека милиони луѓе што вложуваат во фондови за следење на индекси всушност инвестираат во вештачка интелигенција, без разлика дали сакаат или не. Големата распродажба на овие компании би ги погодила штедачите и неизбежно би ја урнала довербата во бизнисот.
Нешто слично се случуваше со пукањето на дотком балонот, кое го достигна својот врв во март 2000 година и придонесе за рецесија во 2001 година. Технолошки највлијателниот индекс NASDAQ падна за речиси 80% од март до октомври 2002 година, уништувајќи милијарди долари пазарна вредност. Колапсот на интернет-компаниите, огромните загуби на инвеститорите и масовните отпуштања во технолошкиот сектор предизвикаа поширок пад на економијата.
Среде кризата во 2008 година, националните лидери се состанаа и разработија план за вложување милијарди во банките. За разлика од тогаш, денес меѓународните односи се многу полоши.
Во период на војна во Европа, трговски војни меѓу САД и Кина и политиката „Америка на прво место“ на Доналд Трамп, на владите им е потешко да ги надминат своите разлики и да договорат заедничка реакција на криза на начинот на кој го направија тоа во 2008 година, предупреди неодамна Меѓународниот монетарен фонд.