Под раководство на 73 годишната претседателка Нетумбо Нанди-Ндаитва, Намибија официјално го отплати целиот преостанат долг кон Меѓународниот монетарен фонд и веќе нема обврски кон оваа институција.
Вкупниот заем од ММФ изнесувал 270 милиони долари а пред некое време ја исплатиле и последната рата од 24 милиони долари. Заемот бил одобрен во април 2021 година преку инструментот за итна поддршка за справување со последиците од пандемијата ковид-19.
Отплатата на долг кон ММФ често се гледа како ослободување од условите (уцените) што фондот ги наметнува - структурни реформи, стегање на каишот, промени во политиките, пакет мерки кои за економиите на многу земји се покажаа како Прокрустова постела: поимот доаѓа од старогрчкиот мит за разбојникот Прокруст (Истегнувачот), кој ги легнувал патниците во постела. Ако биле подолги, им ги сечел нозете; ако биле пократки, ги истегнувал колку што треба, макар значело тоа и нивна смрт.

Многу африкански и други економии го доживуваат долгот кон ММФ како форма на должничко ропство кое го ограничува суверенитетот и слободното донесување политики. Намибија сега има поголема флексибилност во економските одлуки, повеќе ресурси за домашни приоритети (инфраструктура, рударство, социјални програми) и праќа добар сигнал за инвеститорите.
„Ова е суверенитет!“, пишуваат африкански и меѓународни медиуми поздравувајќи го потегот како значаен пресврт во должничкиот профил на земјите.

Намибија покажa дека со дисциплина, подобро управување со приходите (вклучително од рударство и приходите од Јужноафриканската царинска унија) и фокус на домашни приоритети, можно е да се излезе од спиралата на зависност. Ѝ останува предизвикот да го менаџира вкупниот јавен долг (не само кон ММФ), но потегот е јасен сигнал каде е тргната.
Мозамбик во март 2026, пред рокот го отплати долгот од 701 милион долари кон ММФ, Нигерија лани го врати итниот заем од 3,4 милијарди долари, Турција во 2013 целосно го исплати долгот од 23,5 милијарди долари а Русија го отплати целиот долг кон ММФ преед 21 година.
Најголеми должници на ММФ се Аргентина, Египет, Тунис, Пакистан... а 60% од вкупните долгови се на сметка на десет земји, меѓу кои е и Србија. Македонија има отворено кредитен механизам од ММФ во износ од околу 530 милиони евра (за недај боже) кој служи како „заштитен“ за потенцијални кризи.