Во делови од инаку пустинскиот и пеколен Тексас во неделата температурата падна и до -18 степени Целзиусови, и сето тоа како последица на арктичка бура која започнува над границата меѓу САД и Канада. Крајниот резултат на ова е што за прв пат во историјата на Тексас сите 254 локални единици беа под предупредување за зимска бура.
Во вака несекојдневен студ, како што народ почна да пали клими и греалки, прво нешто што крахираше во Тексас беше електричната мрежа на сојузната држава, која или не функционираше или функционираше под очекувањата.
Бидејќи е греота катастрофа со ваков обем да остане без политичко препукување, демократите тврдат дека крахот на електричната мрежа се должи на тоа што Тексас, под притисок на републиканците историски одбива да биде дел од електричната мрежа на САД па своевремено воведува сопствен систем, во кој, меѓу другото, не може да увезе струја од другите сојузни држави. Од друга страна, републиканците, по неколку фотографии од замрзнати турбини на ветер, тврдат дека падот на електричната мрежа се должи на инсистирањето на користење обновливи извори (струја, ветар...).
Според Асошиејтед прес неделава во Тексас починале најмалку 30 лица како последица на екстремното време.
Во меѓувреме најмалку две болници од Остин почнаа да ги транспортираат своите пациенти во други болници откако немањето струја им го попречи секојдневното работење и најосновни функции како имање топла вода или работа на канализацијата во објектот.
На страна ова, главно оштетување во илјадници домови низ Тексас има на водоводот, кој по тамошни стандарди повеќе се прави за да ги издржи пеколните лета, отколку каков било студ, посебно не историски од -18.