Тактиката со која италијанскиот фаворит не стана Папа

Пред кардиналите да се затворат за конклавата, фаворит за тазе папа беше Италијанецот Пјетро Паролин, искусен ватикански дипломат и најблизок соработник на покојниот Франциско. Но, веќе на вториот ден од конклавата станувало јасно дека 267-ми поглавар на Католичката црква со 1,4 милијарди верници ќе стане Американецот Превост. Противниците на Паролин имале тактика за гласањето, велат инсајдери.

Наспроти кладилничарските коефициенти и раширеното уверување дека Католичката црква никогаш нема да ја препушти највисоката функција на човек од глобална империја како САД, нов Папа е Американецот Роберт Превост.

Ваквиот неочекуван исход од гласањето уште еднаш потврдува дека не е залудна онаа изрека која вели дека „Оној кој на конклавата влегува како Папа, излегува како кардинал.“

По разговори со инсајдери во клучните два дена во Сикстинската капела, Вол Стрит журнал пишува дека противниците на Паролин имале тактика: во првиот круг гласовите ги поделиле на повеќе кандидати, за да го напипаат теренот. На тој начин, по првиот круг Паролин е на врвот со 40 гласови но потоа неговата предност почнува да се топи за веќе утредента, 69 годишниот Превост да го има потребното двотретинско мнозинство.

На тој начин на Италијанците им пропадна надежта дека после три „странски“ папи (Полјак, Германец и Аргентинец) и 40 години чекање, тие повторно ќе дадат нивен кадар.

Паролин беше најпознат меѓу кандидатите и ако важи за искусен дипломат од врвен ранг, го немал она што повеќето кардинали го барале, пасторална блискост со луѓето.

Тие во Рим ја претставуваа новата, шаренолика црква каква што ја замислуваше Франциско. Дојдени од 70 земји, говореле на десетици јазици, со различни култури, различни искуства. Додека оние од Латинска Америка зборувале за миграциите, оние од Европа за вештачката интелигенција, кардиналот од Монголија раскажувал како е да се држат миси по шатори.

Губитникот Пјетро Паролин на крајот сепак покажа дека е класа и прв го бакна прстенот на новиот папа, Лав под реден број 14.

********

Види и:

Новиот папа е Лав: Во подзнак Американец, центрист и прагматичар

11 мај 2025 - 11:05