
Кардиналот Роберт Френсис Превост на вториот ден од конклавата во Ватикан е избран за 267-ми духовен водач на 1,4 милијарди католици во светот. Тој е првиот Американец на престолот на Свети Петар.
Ви најавувам голема радост. Имаме папа... Ќе го земе името Лео 14-ти, објави кардиналот Доминик Мамберти еден час откако се крена бел чад од оџакот над Систинската капела, каде што се одржаа изборите.
Превост не се спомнуваше често меѓу фаворитите спроти изборите, но тој е познат и влијателен во Ватикан. Во 2023 година беше назначен од папата Франциско да раководи со Дикастеријата за епископи - моќна канцеларија во Ватикан што ги надгледува епископските назначувања ширум светот.
Родум од Чикаго и ракоположен во 1982 година, докторирал канонско право на Папскиот колеџ во Рим и служел како бискуп на Чикалјо во Перу, каде што добил и државјанство.
Релативно млад, на возраст од 69 години, тој ја презема Католичката црква во историски момент на поделеност меѓу кардиналите - дали да се продолжи со поинклузивната насока зацртана од Франциско или да се врати на построга доктрина.
Лео ја претставува достоинствената средина на патот, изјави свештеникот Микеле Фалконе, од редот на Свети Августин.
Генерално, тој се смета за центрист, но за многу социјални прашања се смета за прогресивен. Ги прифаќа маргинализираните групи како Франциско, кој се залагаше за мигрантите и сиромашните. Но, Превост се противи на ракополагање на жените за ѓакони, на пример, па затоа се смета за конзервативен во црковната доктрина.
Даниел Робер, професор по католички студии на Универзитетот „Свето срце“ во Конектикат, изјави дека Лео веројатно бил попривлечна алтернатива од кардиналот Пјетро Паролин поради административните способности и поради тоа што е „помалку извалкан од ватиканската бирократија“.
Што се однесува до неговиот избор на папско име, Лео историски значи сила во време на криза, објаснува католичкиот свештеник и блогер Ед Томлинсон. Последниот папа со тоа име, Лео 13-ти, ја водел црквата од 1878 до 1903 година. Првиот, Лео Велики, од 440-461 година.