Омразата потекнува од колонијални времиња, кога Белгијците им дозволуваат образование исклучиво на припадниците на Тутсите. Кога во 1961-ва Белгијците си заминуваат, иако Тутсите се сериозно во малцинство, тие ги добиваат речиси сите позиции во владата и администрацијата. Во исто време Хуту популацијата, што е 85% од населението, најчесто добива физичка работа.
За падот на авионот на претседателот Жувенал Хабијаримана (по вокација диктатор кој владее со Руанда од 1973-та, инаку припадник на Хуту племето) речиси инстантно се обвинети Тутсите. Резултатот од обвинувањата доаѓа уште следниот ден кога се започнува со геноцидот и убиствата. Подоцнежната истрага покажува дека авионот го соборуваат вооружените сили на Хуту племето, како дел од нивниот план за масакр на Тутсите.
Масакрот се извршува систематски. Полицијата на патишта поставува блокади на кои ги проверува личните документи на граѓаните, на кои е запишано на која етничка група и припаѓаат. Сите легитимирани Тутси се убиени на лице место.
Онаму каде не стигаат институциите да го спроведат етничкото чистење, масакрот го вршат обичните граѓани, убивајќи ги своите соседи, па дури и сопруги, кои биле Тутси. Во овие случаи не станува толку многу збор за омраза колку за страв дека "од Хуту полицијата ќе бидат прогласени дека се на погрешната страна." Претходно како показна вежба Хуту екстремистите убија повеќе умерени припадници на своето племе кои се противеле на масакрот.
Целиот овој масакр се одвива додека во земјата воено се присутни белгиската армија, француската армија и силите на О.Н. Додека единствен потег на Французите е да постават безбедносна зона, Американците не ни помислуваат во каква било форма да се приклучат во судирот. Во исто време со почетокот на геноцидот Обединетите нации донесуваат одлука за намалување на бројот на своите сили во Руанда, на вкупно 270 припадници.
Масакрот завршува исклучиво благодарејќи на воениот успех на Патриотскиот фронт на Руанда, предводен од Пол Кагаме, а составен од Тутси кои кон крајот на 50-те бегаат од Руанда. Иако владините сили се побројни и подобро вооружени, Кагаме дел по дел успева да го освои главниот град Кигали "благодарејќи на тоа што Хуту војската е сконцентрирана на масакрирање на Тутсите, а не на бранење на градот." Подоцна Кагаме оваа победа ја користи за кревање на моралот на сопствените војници. На 18-ти јули тие го освојуваат и Гисенји и остатокот од северозападот на земјата, по што Хуту владата бега во азил во Зиар. Со ова се става крај на масакрот.
Се претпоставува дека само околу 300.000 Тутси го имаат преживеано масакрот, од нив најголемиот дел се вдовици кои биле заробени и силувани. Голем број од нив денес се ХИВ-позитивни.
На Меѓународниот суд за злосторства во Руанда за геноцидот се осудени вкупно 29 лица.