Снеможената Германија ќе ја повлече со себе и Еврозоната

Една деценија долгите катастрофални грешки доаѓаат да го наплатат данокот на долго време најмоќната европска економска машинерија. Годинава германската економија ќе „расте“ со скудни 0,2 процента а нодамнешните избори за Европскиот парламент дополнително ја потепаа надежта дека нешто ќе се избистри, барем на политичко ниво.

„Земјата сега е само нешто повеќе од „земја во развој“. Нејзината берза е „џанк шоп“ во кој се продаваат стари сувенири. Нејзината репутација како место за водење бизнис е на ниво „никогаш не била полошо“.

Вака Германија ја опишува Теодор Вајмер, шеф на некогаш моќниот Дојче Берсе.

По децениски долгата серија катастрофални грешки во политиката на центристичките лидери, нема враќање за Германија а нејзиниот пад може само да се забрза, гласи неговата проценка.

Тој на бизнис лидерите од Баварија неодамна отворено им кажал дека земјата која некогаш се гордееше со својата ефикасност а нејзиниот извозен мотор работеше подмачкано, се лизга кон статус на земја од третиот свет.

Во ерата на преценетата Ангела Меркел, Германија направи две големи политички грешки, пишува Метју Лин во Телеграф.

Прво, го темелеше својот економски модел на евтин руски гас, поттикнувајќи индустриска машина изградена на хемикалии и автомобили, што бара огромни количини енергија (една постројка на БАСФ троши повеќе гас од цела Швајцарија).

Нејзините нуклеарни централи беа затворени од каприц, фракингот беше игнориран иако Германија има изобилство нафта и гас од шкрилци, а со ветерот и сончевата енергија се заостана.

Резултат? Кога Путин ја нападна Украина и гасот беше исклучен, германската индустрија остана со едни од највисоките трошоци за енергија во светот кои ја шлогираа нејзината извозна конкурентност.

Во меѓувреме, владата на Меркел поттикна огромни зголемувања на имиграцијата, користејќи ги познатите аргументи за стареење на населението и потребата млади луѓе да ги пополнат празните места. Меѓутоа, имигрантите не секогаш ги имаат потребните вештини на индустријата и не мора да ја забрзуваат стапката на раст.

Германија сега е во длабока дупка. Тоа е најбавно растечката економија во Г7 оваа година, се прогнозира да се прошири за скудни 0,2 отсто во текот на 2024 година.

Нејзината некогаш моќна автомобилска индустрија е заглавена во ерата на дизелот и изгуби милијарди развивајќи електрични алтернативи, само за да забележи пад на продажбата како што Кинезите го освојуваат пазарот.

Тешко е да се види каков било излез од овој хаос за несреќниот Олаф Шолц. Социјалдемократите се во клинч со синдикатите зависни од тешката индустрија, Зелените одбиваат да дозволат каква било форма на сериозна енергетска политика а истовремено ги удвојуваат прописите против економскиот раст, а наводно про-бизнис Слободните демократи немаат влијание или идеи да сменат нешто.

Види и:

Германија: еден народ - две општества

 

 

 

 

14 јуни 2024 - 11:01