
Целта на геоинженерскиот експеримент од Универзитетот во Вашингтон планиран лани близу заливот Сан Франциско била да се открие дали со вештачко создавање сенка може да се запрат сончевите зраци пред да удрат во површината на Земјата и на тој начин да се спречи глобалното затоплување. Иницијативата се чувала во строга тајност, во време кога напорите за елиминирање на фосилните горива, како начин за справување со климатските промени, трпат неуспеси во САД и Европа.
Експериментот бил планиран да трае со месеци, но завршил за 20 минути. Градските власти на Аламеда го забраниле, реагирајќи дека никој не го пријавил. За инцидентот пишуваа многу медиуми, но дури сега Политико открива дека тоа било само пилот-проект.
Истражувачите разговарале со донатори и консултанти за спроведување тест за создавање облаци од 10.000 квадратни километри покрај западните брегови на Северна Америка, Чиле или Централна Африка, потврдуваат повеќе од 400 интерни документи од Универзитетот во Вашингтон.
Во такви размери, значајни промени во облаците ќе бидат лесно видливи од вселената, се вели во Програмата за осветлување на морските облаци од 2023 година.
Експериментите во Аламеда и на море би чинеле помеѓу 10 и 20 милиони долари. Меѓу донаторите биле криптовалутниот милијардер Крис Ларсен, филантропот Рејчел Прикер и инвеститорот Крис Сака.
Пред неуспехот во Аламеда, тимот добил одредено федерално финансирање и се надевал дека ќе добие пристап до владини бродови и авиони, покажуваат документите. Перспективата за поддршка од САД се изгуби со изборната победа на Доналд Трамп, кој се спротивставува на федералната поддршка за ограничување на глобалното затоплување.
Аламеда беше чекор кон нешто многу поголемо и немаше никаква ангажираност со локалните заедници, вели Сикина Џина, професорка по еколошки студии на Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз.
Сончевиот геоинженеринг опфаќа низа хипотетички технологии и процеси за намалување на глобалното затоплување со рефлектирање на сончевата светлина од Земјата, кои во голема мера се нерегулирани на федерално ниво. Двата најистражувани пристапи вклучуваат ослободување на сулфатни честички во стратосферата или прскање на аеросоли од солена вода над океанот.
Критичарите на технологиите предупредуваат дека тие би можеле да ги нарушат и временските обрасци - потенцијално влијаејќи на приносите од земјоделските производи, дивиот свет и луѓето.
Повеќе од 575 научници повикаа на забрана за развој на геоинженерството бидејќи „не може да се регулира глобално на фер, инклузивен и ефикасен начин“. Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис минатиот месец потпиша закон со кој се забранува вбризгување или испуштање хемикалии во атмосферата „со јасна цел да се влијае на температурата, времето, климата или интензитетот на сончевата светлина“.
******
Види и: Авиони ќе прскаат кисели дождови за да нè спасат од климатски промени?