
Британската владина Агенција за напредни истражувања и пронајдоци издвои 50 милиони фунти за практични геоинженерски експерименти на отворено за да се намали глобалното затоплување. Јавноста се убедува дека експериментите ќе бидат безбедни, без ослободување какви било токсични материи во околината.
Геоинженерските истражувања главно се фокусираат на рефлексијата на сончевата светлина. Методите вклучуваат вбризгување аеросоли во стратосферата како честички што би ги одбивале сончевите зраци. Како потенцијално решение се разгледува и прскање сол во облаците што се ниско над океанот. Џим Хејвуд, професор по атмосферските науки на Универзитетот во Ексетер објаснува дека внесувањето ситни честички ги осветлува облаците над морињата, поради што тие дополнително ја ладат површината врз која фрлаат сенка.
Забележавме дека чадот од бродовите создава светли линии во облаците над бродските рути во океанот. Вулканската ерупција на Исланд во 2014 година исфрли многу сулфур диоксид, но ги осветли облаците и ја олади планетата, вели Хејвуд.
Друга идеја е сеење цирусни облаци за да се овозможи повеќе топлина да се врати кон вселената.
И авионските траги ненамерно создаваат цирусни облаци. Ова укажува дека теоретски е можно да се излади планетата со технологиите што ни се на располагање, но прво треба да се одговори на многу практични прашања, вели д-р Себастијан Истхам од лондонскиот Империјал колеџ.
Ако експериментите се покажат успешни, експертите се надеваат дека би можеле да ги спроведат во рок од 10 години. АРИА ќе финансира и нови компјутерски моделирања и тестови во затворени простории, но паралелно ќе ги следи и ставовите на јавноста кон геоинженерството.