Најпосакуваниот исход за членките на НАТО е да имаат решено кој е кандидат до самитот во Литванија закажан за средината на јули, и тоа да биде човек кој доаѓа од висока позиција за да има политичка тежина, претседател или премиер, и за малку да сменат, тоа да биде жена.
Британскиот министер за одбрана, Бен Волис, веќе порача дека радо би ја прифатил позицијата. Во исто време дел од владите на НАТО силно притискаат на позицијата да дојде данската премиерка Мете Фредериксен.
Главна слабост на кандидатурата на Волис е што е „само министер“, не е жена и не е по волјата на некои членки (главно Франција) да биде од земја членка на ЕУ.
Главна слабост на кандидатурата на Фредериксен е што иако ги има сите горни предуслови, за сега таа не е заинтересирана за позицијата. Проблем е и тоа што за да премине во НАТО таа ќе треба да ја напушти премиерската позиција во Данска и да ризикува нејзината партија да ја изгуби власта во земјата.
На потенцијалниот список на кандидати е и естонската премиерка, Каја Калас, која од некои членки се смета за премногу агресивна кон Русија, претседателката на ЕК, Урсула вон дер Лејен, која Берлин сака да остане во Европската комисија, и канадската премиерка Кристија Фриленд, чија главна слабост е што не е од Европа.
Друг притисок е дека следниот генерален секретар треба да дојде од Источна Европа, имајќи ја предвид важноста што ја има регионот како последица на руската инвазија на Украина.
Од машката постава, се споменуваат холандскиот премиер, Марк Руте, и шпанскиот премиер, Педро Санчез. Првиот јавно изјави дека не ја сака работата, а вториот има општи избори следната година на кои треба да се бори.
Една од важните ставки на секој кандидат е што ќе треба да биде по мерак и на САД и на Турција, кои иако немаат свој предлог, имаат одлучувачки глас во изборот, САД како водечка држава во Алијансата, Турција како држава која се покажа дека е многу подготвена да блокира секој НАТО консензус што не и е по мерак.
Во ваквиот хаос останува опција и НАТО да го замоли Столтенберг да го продолжи мандатот барем до самитот на НАТО во 2024 или да истера цел четврти мандат.
Вообичаено изборот на генерален секретар на НАТО се тера зад сцена, па кога ќе се постигне консензус меѓу членките тој се соопштува на јавноста и се формализира како готово решение.