Зеленски порачал дека Москва треба да испрати делегација на следниот мировен самит кој би требало да се одржи во ноември. Ова е драстично поразлично од ситуацијата со мировната конференција што минатиот месец се одржа во Швајцарија кога Русија воопшто не беше поканета.
Според Си-ен-ен, Киев се соочува со двоен проблем, од една страна е тешката ситуација на фронтот, каде иако руското напредување е забавено, тоа и понатаму продолжува. Од друга, политичката несигурност од изборите во САД, и дали по истите најголемиот сојузник на Украина ќе продолжи да испраќа помош со ист обем.
Едно од толкувањата кое доаѓа од поранешниот американски амбасадор во Украина, Џон Херст, е дека е можно Зеленски да се обидува со изјавите да се приближи кон идната администрација на Трамп, со тоа што отвора простор за преговори.
Подготвеноста за преговори во неколку наврати ја потврди и рускиот претседател Путин, меѓутоа под услови кои на денешен ден се целосно неприфатливи за Украина и Западот, кои не само што не вклучуваат повлекување, туку и бараат Украина да предаде територија која е под нејзина контрола.
На фронтот Украина и покрај пристигнувањето на западно вооружување и понатаму брани територија и спречува напади, наместо да ослободува територија. Западните аналитичари објаснуваат дека руската офанзива иако можеби не е толку успешна во освојување територија, таа е крајно успешна во спречување на какво било собирање војска, оружје и муниција од украинска страна за некоја идна контра-офанзива.
Политичките проблеми на Зеленски почнуваат со Трамп, па потоа само ескалираа за неколку дена откако ЏД Венс беше одбран за негов потпретседател, а во истиот период Германија објави дека следната година ќе ја преполови помошта за Украина.
„Моментално е политички тешко, ако не и невозможно, да се изјави дека мир може да биде постигнат без целосно враќање на сите украински територии. Но тоа не значи дека со тек на време, тоа нема да стане возможно,“ смета Херст, според кого на Киев му е неопходно да има некаква победа во војната за која може да зборува, дури и да не ја врати целата територија.