Што се знае за убиецот од Далас

Се вика Мајка Ксавиер Џонсон, има 25 години, инаку е резервист на американската армија кој има служено во Авганистан. Наспроти првичните извештаи, сега се верува дека тој е единствениот снајперист од Далас.

Началникот на полицијата на Далас, Дејвид Браун, изјави дека осомничениот во разговорот со преговарачите изјавил дека сака да убива белци, посебно бели полицајци, затоа што бил гневен за неодамнешните убиства на црнци од страна на полицијата.

Иако Мајка не бил член на ниту една група и делувал сам, подоцна е откриено дека тој бил еден од само 170-те членови на Фејсбук страната на Африканско американската одбранбена лига, чиј основач веднаш по почетокот на пукањето објави фотографија на Инстаграм, со следниот вовед: "Повеќе немаме алтернатива! Мора да убиваме бели полицајци низ цела земја!"

Следниот ден, истиот човек, Маурис-Леи Милер, на Фејсбук страната на Лигата, напиша:

"ГИ ПОВИКУВАМЕ СИТЕ БАНДИ НИЗ ЗЕМЈАТА! НАПАДНЕТЕ СЕ ШТО НОСИ СИНО ОСВЕН ПОШТАРОТ, САМО ДОКОЛКУ И ТОЈ НЕ НОСИ НЕШТО ПОВЕЌЕ ОСВЕН ПОШТА!"

Лигата е основана за време на протестите во Фергусон во 2014, и ова не е прв пат јавно да повикува на егзекуција на полицајци. Во ноември 2015 тој повикува "секој црнец низ земјата да најде и да убие бел полицаец." Сличен апел имаше и по неодамнешното убиства на двајцата црнци.

Првичните анализи беа дека Џонсон бил прилично опремен и обучен за нападот. Ова подоцна го потврди упадот во неговиот дом каде полицијата открива: материјали за правење бомби, панцири, пушки, муниција и личен дневник за борбени тактики.

Армијата подоцна потврди дека Џонсон служел кај нив и дека бил во Авганистан. Тој ја минал обуката за резервист како "специјалец за градежни работи". Не е познато каква обука со огнено оружје имал.

Џонсон е убиен од полицијата со робот опремен со бомба, што е прв ваков случај во историјата. Иако нема официјална верзија, најверојатно на роботот, чија првична намена е демонтирање на бомби, била монтирана бомба која била детонирана во близина на снајперистот.
Крајниот биланс од пукањето во Далас е 5 убиени и 7 ранети полицајци.

9 јули 2016 - 11:02