Се оствари и „Шведска, немири, здраво!“

Овојпат не си играме јазични игри со легендарниот наслов од Топ листа, бидејќи работата е дојдена до таму што оригиналниот наслов веќе не е заебанција. Млади, калашникови, кашикари, пресметки на банди и нормално - Југославија.

Во 2011 година од огнено оружје во цела Шведска настрадале само 17 лица. Лани во земјата се регистрирани 300 престрелки од кои гинат 41 лице и над 100 се повредени. Насилството главно доаѓа од уличните банди кои, меѓу другото, дилаат дрога во големите градови како Стокхолм, Малме, Гетеборг.

Меѓу 2010 и 2015, во Шведска од огнено оружје се гинело по стапка која важи во јужна Италија. 

Бандите не се ништо ново ни таму. Бајкери и балкански мафијаши се бават со дрога и размена на куршуми уште од раните 90-ти. Но, денешните банди се многу полежерно организирани па и полесно се потегнува по насилство. Набавката на легално оружје подлежи под ригорозен скрининг меѓутоа црниот пазар е полн со калашникови од југословенските војни. И не само со калаши; лани имало 43 набацувања кашикари на луѓе и објекти. Огромен број од жртвите се млади луѓе.

Генералната стапка на општ криминалитет во Шведска паѓа. Расте само овој вид на насилен криминал и тој не може да се објасни со економски причини бидејќи на шведската економија ѝ оди добро.

Многумина се подготвени за состојбата да ја обвинат бегалската криза од 2015 година кога Шведска реши да земе најмногу бегалци пер капита во цела Европа. Но, растот на престрелките расте уште од 2000 година. Повеќето членови на банди се прва или втора генерација дојденци (76%) но не се од најновите. „Сепак е потребно време еден поединец да биде вшмукан во криминалните кругови“, вели Амир Ростами од Универзитето во Стокхолм.

Шведска прими многу бегалци во 80-тите и 90-тите од земји како поранешна Југославија, Сомалија и Ирак. Државата им изгради домови и ги научи на јазикот ама тие слабо се интегрираа на пазарот на работната сила. Шведскиот социјален систем нуди квалитетно образование и великодушни поволности. Но, за имигрантите постои многу мала социјална мобилност. Моќните синдикати инсистираат на добри плати и за помалку платените професии па на фирмите често им е  неекономично за тие пари да најмуваат мигранти со ограничено образование и лош шведски.

Денес 16% од луѓето во Шведска кои се родени надвор од неа се невработени, што е најголема стапка во земјите од ОЕЦД. А бандите на тие луѓе им даваат алтернатива, „да бидат херои, барем на еден ден“.

Алармирана од состојбите, шведската влада обезбеди дополнителни фондови за интеграција на мигранти, воведе построги казни за оружени криминали, понуди амнестија за предадено оружје, го зголеми мониторингот и формираше центар за борба против насилниот екстремизам.

Но, очевидци на злосторствата главно се плашат да зборуваат со полиција, па просторот за истрага е лимитиран. Затоа, ама баш ниедно од убиствата направени во Стокхолм во 2016 година до денешен ден не е решено. Владата се надева дека трендовите ќе се пресвртат откако им ја качи платата на полицајците а оние службеници, кои пред три години заради заштеди беа отпуштени, повторно ги врати на работа. Прелиминарните резултати од овие потези даваат некој оптимизам бидејќи решавањето на случаите е зголемено за 30%.

Ама па основата од кој се мери успехот е многу ниска и само во главниот град, полицијата сè уште нема идеја кои се виновниците за преку 100 изгубени животи.

 

23 март 2018 - 13:56