Се работи за прв ваков оглас во поновата британска ботаничка историја, а главна обврска на новиот вработен ќе бидат експедиции.
Од апликантите се бара да бидат ботаничари со релевантна диплома, „пасија за патување, бестрашен дух и способноста да идентификуваат нови или интересни растителни видови кои растат во дивината.“ Платата е 44.263 фунти годишно.
Во 1831 токму основачот на Ботаничката градина на Универзитетот Кембриџ, Џон Стивенс Хенслоу, го предложил својот поранешен студент 22-годишниот Чарлс Дарвин за позицијата натуралист на бродот ХМС Бигл. На враќање Дарвин му испорачал над 1.000 примероци од растенија на својот тутор и му помогнал да ја создаде својата ботаничка колекција.
За разлика од мисијата на Хенслоу, кој како теолог колекцијата ја собирал за да ја докаже бескрајната големина на божјата креација, денешната мисија на Кембриџ е со цел да се заштити глобалниот биодиверзитет од глобалното затоплување и климатските промени.
Од примените апликанти ќе се бара да предводат експедиции за собирање податоци за точните локации на нови и биолошки интересни растенија кои растат во дивината, а истовремено да собираат семе и примероци кои ќе и овозможат на ботаничката градина да зачува живи примероци од овие видови.
Меѓу останатите локации што ќе ги посети оваа мисија е и Балканот.
„Ние главно сме фокусирани на умерени жаришта во региони со екстремен диверзитет: Централна Азија, Балканот, Јужна Африка и Јужна Америка, и размислуваме што од таму можеме да донесеме назад кај нас и да го одгледуваме во Кембриџ.
Значи ги разгледуваме овие локации во светот каде климата одговара на она каде што сме сега или каде би можеле да бидеме со климатските промени во иднината,“ порачуваат од Ботаничката градина.
Би било идеално апликантите да знаат повеќе јазици и да се запознаени со различни растенија наместо да специјализираат за едно конкретно. Тие исто така ќе треба да можат да работат во тим и да кампуваат во дивина, пример во Киргистан, понекогаш и по еден месец.