Санкциите кои различни претставници на Западот и ги „удрија“ на Русија го опфаќаат банкарскиот и финансискиот сектор, не цел, туку еден дел избран од Западот; извоз на хај-тек чипови и роботика (од Јапонија); санкции за 350 пратеници што гласаа за ратификација на независноста на ДНР и ЛНР, а притоа потписникот на независноста (како и на анексијата на Крим од пред неколку години) не е спомнат, ниту на кој било начин тангиран од мерките.
Една од санкциите која беше најавувана како болен удар за Русија, а вчера беше воведена од германскиот канцелар, се однесува на гасоводот Северен тек 2, чија процедура за сертификација целосно е прекината.
На одлуката на Шолц главната реакција дојде од Дмитри Медведев, кој сега е на позицијата Заменик претседател на Советот на безбедност на Русија, кој на сите им посака добредојде во „храбриот нов свет“.
„Германскиот канцелар Олаф Шолц издаде наредба да се прекине процесот на сертификација на гасоводот Северен тек 2. Па, добредојдовте во храбриот нов свет, во кој Европејците многу скоро ќе плаќаат по 2.000 евра за 1.000 метри кубни природен гас!“ порача Медведев на Твитер.
И пред ова кошкање меѓу Шолц и Медведев, во текот на денот се огласи катарскиот министер за енергетика, Саад ал-Кааби, според кого ниту Катар, ниту која било држава има капацитет да ја замени руската испорака на течен гас во Европа.
„Русија обезбедува мислам 30-40% од гасот на Европа. Нема ниту една единствена држава што може да ја надополни таа количина, едноставно нема доволно капацитет да се направи тоа со ЛНГ.
Најголемиот дел од ЛНГ е врзан со долгорочни договори и дестинации кои се многу јасни. Па, брзо да се замени таа количина е речиси невозможно,“ порачал Ал-Кааби.
Околу санкциите што Западот смета дека ќе ја запрат Русија, коментар имаше и колумнистот на Блумберг и експерт за Енергетика Хавиер Блас:
„Додека европските престолнини (и Вашингтон) одлучуваат како да му одговорат на Путин, заедно ЕУ-Британија-САД во следните 24 часа ќе купат околу 3,5 милиони барели руска нафта и рафинирани производи во вредност над 330 милиони долари по сегашните цени. На тоа додај го природниот гас, алуминиумот, никелот, итн...“