Сан Франциско ја укина шемата за дозирање алкохол за бездомници

Новиот градоначалник на Сан Франциско ја укина контроверзната програма на градските власти за делење алкохол на бездомници наместо да ги одвикнуваат од зависност. Иако била воведена како вонредна мерка со привремен карактер, шемата се спроведувала со години и создала огромен трошок - за помош на 55 луѓе биле трошени 5 милиони долари годишно.

Програмата за менаџирање на алкохол (МАП) била воведена во Сан Франциско во април 2020 година, во времето на пандемијата, кога поради наметнатите карантини бездомниците беа префрлени во хотели. Медицински лица таму им доставувале контролирани дози пиво или жестоки пијалоци за да спречат штетни последици по здравјето од наглото откажување на зависниците од алкохол.

Ова е прва и единствена шема од овој тип во САД, моделирана врз основа на слични искуства во Канада. Градското Одделение за јавно здравство во видео-презентација од 2024 година го пофали МАП како „успешна приказна“, бидејќи бројот на интервенции на итната помош се намалила од 36 на помалку од 10. 

Мерката требаше да биде привремена, но остана на сила речиси шест години, создавајќи големи трошоци. 

Со години Сан Франциско трошеше по 5 милиони долари годишно за алкохол за зависни бездомници. Тоа нема никаква логика и ја укинуваме програмата, изјави градоначалникот Даниел Лури.

Податоци покажуваат дека програмата им помогнала на само 55 лица, за кои биле издвоени просечно по 454.000 долари. Повеќето пари биле потрошени на плати за службениците вклучени во шемата.

Финансиските извештаи на Community Forward покажуваат дека непрофитната организација добила 17,8 милиони долари во владини договори и грантови во 2025 година, од кои 10,8 милиони долари биле наменети за плати и надоместоци. Директорката Кара Зордел во 2024 година добила плата од 225.794 долари.

Градоначалникот Лури, кој дојде на власт лани, ја укина и шемата за делење бесплатни дози дрога, што поттикна престрелки во центарот на градот.

Оние што земаат дрога на нашите улици ќе бидат уапсени. Наместо да ги вратиме во криза, им даваме шанса да се стабилизираат и да закрепнат, изјави Лури.

Предизвик за градоначалникот е тоа што Сан Франциско има само 68 кревети за детоксикација достапни за 19.000 што повремено живеат на улица. Секоја ноќ на улиците спијат по најмалку 8.000 луѓе. Оние што бараат помош поради зависност честопати чекаат со денови или недели за да бидат достапни услугите за детоксикација.

2 февруари 2026 - 14:59