На страна ветувањата за поддршка на Украина без разлика колку време ќе трае војната, луѓето од Белата куќа порачуваат дека последните мега пакети на помош од САД и сојузниците, „се најдобрата шанса на Киев одлучно да го промени текот на војната.“
Моменталната реалност е дека голем дел од републиканците во Претставничкиот дом се за намалување на поддршката, а луѓето од Белата куќа не се баш уверени во долгорочната подготвеност на Европа да ја финансира војната.
„Ќе продолжиме да се обидуваме да ги убедиме дека не можеме да правиме сè и сешто засекогаш,“ изјавил еден од американските функционери за Пост, дополнувајќи дека администрацијата има „многу силен став“ дека ќе биде тешко во иднина од Конгресот да се обезбеди истото ниво на безбедносна и економска помош.
Пораките од Вашингтон доаѓаат во време кога украинската контра-офанзива целосно издиша и двете страни се заглавени во безмилосно трошење човечки животи околу Бахмут.
Моментално администрацијата на Бајден работи на тоа Конгресот да одобри дополнителни 10 милијарди долари буџетска помош на Киев, а следната недела се очекува да биде објавен уште еден голем пакет воена помош.
„Критичната природа на следните неколку месеци веќе му е најдиректно пренесена на Киев од највисоките функционери на Бајден - вклучително заменикот советник за национална безбедност, Џон Фајнер, заменикот државен секретар, Венди Шерман и потсекретарот за одбрана, Колин Кол, кои минатиот месец ја посетија Украина,“ пишува Пост.
Во исто време со пораките, дел од аналитичарите сметаат дека ни во следните месеци, без разлика на најавените офанзиви, ниту Русија, ниту Украина е веројатно дека ќе постигнат одлучувачка воена предност. Нивните процени се дека и двете страни играат на долга војна.
Последниот пакет воена помош од САД, од 45 милијарди долари, се очекува да ѝ трае на Украина некаде до почетокот на летово.