САД планираат да го соборат режимот на Куба до крајот на 2026

Охрабрени од успешната операција за грабнување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, САД активно планираат до крајот на оваа година да го променат режимот на Куба. Администрацијата на Трамп заедно со кубанската дијаспора бара потенцијален соработник во комунистичкото раководство во Хавана, кој би можел да соработува со Вашингтон.

Извори на весникот Волстрит џурнал велат дека соборувањето на режимот во Хавана е решавачкиот дел од стратегијата на Трамп за да го зацврсти личното наследство како претседател и за да воспостави целосна доминација на САД во Западната хемисфера.

Функционери од Белата куќа активно се состануваат во Мајами со претставници на кубанската дијаспора за да идентификуваат потенцијален соработник во владата во Хавана кој би можел да помогне во операцијата за соборување на претседателот Мигел Дијаз-Канел.

Слична била и подготовката за грабнување на Мадуро од неговата резиденција во Каракас. Американски претставници со месеци одржувале контакти со луѓе од неговиот внатрешен круг, кои помогнале операцијата на 3 јануари да помине со што е можно помалку жртви. Новата претседателка на Венецуела, Делси Родригез, која му беше главна сојузничка на Мадуро, сега наводно редовно одржува контакти со Вашингтон.

Изворите на WSJ укажуваат дека американската акција против Венецуела всушност била насочена и против Куба. При нападот врз резиденцијата во Каракас, американските командоси убиле 32 кубански телохранители што го штителе Мадуро.

Притисокот врз Хавана го зголеми и одлуката на САД да ги блокира сите танкери што носат нафта од венецуелските пристаништа. Куба во изминатите 26 години опстануваше благодарение на нафтата и финансиите што ги добиваше на помош од социјалистичкиот претседател на Венецуела, Уго Чавез, а потоа и од неговиот наследник Мадуро. Сега добива малку нафта што ја купува од Мексико и од Русија и се проценува дека може да остане без гориво за само неколку недели. 

Трамп пред една недела им се закани на властите во Хавана, но исклучи употреба на воена сила. Оцени дека владата ќе падне сама од себе поради силниот економски притисок.

Цврсто барам постигнат договор пред да биде предоцна. Никаква нафта или пари повеќе нема да одат за Куба, порача Трамп на TruthSocial.

Рикардо Зунига, поранешен функционер во администрацијата претседателот Барак Обама, кој помогна во преговорите за краткотрајно смирување на тензиите меѓу Хавана и Вашингтон, смета дека Куба ќе биде „многу потежок орев за кршење“ од Венецуела.

Нема никој кој би бил во искушение да работи на страната на САД, изјави Зунига за Волстрит џурнал.

Куба трпи вакви притисоци и закани уште од комунистичката револуција во 1959 година. ЦИА планирала 638 атентати врз лидерот Фидел Кастро додека во Белата куќа беа претседателите Ајзенхауер, Кенеди, Џонсон, Никсон, Картер, Реган, Буш и Клинтон.

22 јануари 2026 - 12:49