САД ќе тестираат „топлински топ“ за разбивање толпи

Американската полиција позајми од Пентагон „топлински топ“ за да го тестира за акции за одбивање мигранти или демонстранти. Оружјето е слично на „звучниот топ“ - за кој сè уште не се знае дали бил користен или не против демонстранти во Белград – и на „дискомбобулаторот“ со кој, според Трамп, САД ја парализирале војската на Венецуела кога го грабнале Мадуро. 

Пентагон му даде дозвола на Министерството за внатрешни на САД да тестира „Систем за активно одбивање“, кој со невидлив топлотен зрак им ја пржи кожата на луѓето на далечина од речиси еден километар.

Министерот за одбрана Пит Хегсет одобрил еден систем да му биде отстапен на Министерството за домашна безбедност во период од седум месеци, заради развивање на сопствени тактики за операции. 

Топот за топлински зраци е опишан како „несмртоносно оружје“ кое емитува невидлив сноп од електромагнетни бранови на растојание до половина милја (околу 800 метри). Брановите ги раздвижуваат молекулите на водата во кожата на луѓето, ги загреваат на околу 55 Целзиусови степени и предизвикуваат чувство на „горење“.

Офицери го споредуваат како „бран од топлина кога ќе се отвори жешка рерна“ или како допир со загреана сијалица. Ефектот трае меѓу 10 и 15 минути и предизвикува „инстинктивна реакција на оддалечување“. Брановите пробиваат дебела облека, но не можат да поминат низ ѕидови.

Во првата милисекунда, чувството е како кожата се загрева. Потоа стануваше сè потопло и потопло, како кожата да гори. Штом ќе се тргнете од зракот, кожата се враќа во нормална состојба и нема никаква болка, раскажа офицер од Истражувачката лабораторија на Воздухопловните сили, кој во 2008 година доброволно учествувал во тестирање на оружјето.

Американската војска пред речиси две децении накратко го распореди системот во Авганистан, но одлучи да не го користи за време на активни борбени дејствија. Откажана била и иницијативата да се употреби во нелегалните затвори низ светот за испрашување лица осомничени за тероризам.

Во барањето на Министерството за внатрешна безбедност не се прецизира каде или како би се тестирало ова оружје, ниту како евентуално би се користело. 

Претставници на Службата за царина и заштита на границите пред неколку години разгледувале можност за користење на системот во области каде што има висока концентрација на илегални преминувања на границата со Мексико. Една од дилемите тогаш била дали системот би можел да доведе до потреба за повеќе спасувачки акции.

Ако ги бркаат луѓето назад кон река, не сакате тие да се удават. Со оглед на трошоците, обуката и политиките што ќе треба да се креираат, дали на крајот сето тоа навистина ќе вреди? изјави за CNN поранешен офицер од Царинската и гранична служба.

Се разгледувала и опцијата за користење на „топлинскиот топ“ против толпи во домашни немири.

22 октомври 2026 - 09:17