Политико тврди:

Српски и руски служби тестирале звучни топови на кучиња

Српски и руски разузнавачи заеднички спроведувале експерименти за ефекти од моќни децибели од звучници насочени кон кучиња, тврди порталот Политико. Тестовите биле направени две недели откако демонстранти во Белград се пожалија на употреба на „звучни топови“. Руската ФСБ заклучила дека кај кучињата не биле забележани промени во однесувањето.

Тестовите врз животни биле спроведени како дел од истрагата по инцидентот на протестите на 15 март 2025 година, според документите од Безбедносно-разузнавачката агенција и владино министерство што му биле претставени на увид на Политико. Намерата била да се процени дали симптомите опишани од демонстрантите се совпаѓаат со реалните биолошки ефекти од звучните топови, за кои српските власти претходно признаа дека ги поседува полицијата.

Кучињата биле избрани како субјекти за тестирање поради „нивната висока чувствителност на акустични ефекти“. Врз животните се експериментирало со два модели на Уреди со долг дострел - LRAD 100X MAG-HS и LRAD 450XL, произведени од компанијата Genasys со седиште во Калифорнија, на далечина од 200, 150, 100, 50 и 25 метри.

Уредите LRAD се наменети за комуникација на долги растојанија, но кога се користат од непосредна близина може да предизвикаат оштетување на слухот, главоболки, вртоглавица и гадење. Листовите со податоци за тестираните модели покажуваат дека тие можат да емитуваат звуци до 150 децибели, што е еквивалентно на млазен мотор при полетување.

Во својот извештај за експериментите, руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) заклучила дека не биле забележани промени кај кучињата.

При пренесувањето на основните и тест сигналите, биолошките објекти не чувствуваа непријатност (промени во однесувањето) на растојанието што се испитуваше. Кучињата беа проверени 3 дена по тестовите и не покажаа никакви промени во нивната состојба, пишува во заклучокот.

Видеа од демонстрациите на 15 март 2025 година снимени од повеќе агли покажуваат како толпата ненадејно се бранува и како луѓе панично бегаат без видлива закана. Некои демонстранти побарале лекарска помош поради гадење, повраќање, главоболки и вртоглавица.

Претседателот Александар Вучиќ веднаш ги отфрли обвинувањата дека властите употребиле звучен топ, а потоа најави дека ќе биде спроведена истрага во рок од 48 часа, а потоа „сите одговорни за бруталните измислици и лаги ќе одговараат пред властите“.

Еден месец по протестот (и две недели по наводните експерименти) српската разузнавачка агенција БИА објави извештај во кој се тврди дека „уредите со висока јачина на децибели не биле користени за време на протестите“ и дека „немало масовно психолошко, морално и физичко влијание врз луѓето“.

15 јануари 2026 - 08:49