Оружје на денот: Дискомбобулатор

САД користеле тајно оружје кое ја неутрализирало венецуелската одбрана при акцијата за грабнување на претседателот Николас Мадуро. Трамп го нарече „дискомбобулатор“, но не дава други детали. Се шпекулира дека тајното оружје создава моќен електромагнетен пулс кој ја блокира електричната мрежа и соничен пулс кој привремено ги парализира луѓето.

Дискомбобулатор. Не ми е дозволено да зборувам за него... Тие имаа руски и кинески ракети. Кога дојдовме, тие ги притиснаа копчињата и ништо не функционираше, изјави Трамп за Њујорк пост.

Изразот дискомбобулатор постои во американскиот сленг од 19 век за да се опише „тотално излудување“. Направата што ја спомна Трамп се поврзува со сонично оружје LRAD од нова генерација, кое емитува звук со многу децибели и создава интензивна болка, но не е смртоносно, или со напреден генератор што емитува миркобранов пулс, кој ја „пржи“ електрониката без да остава видливи физички траги. Можна е и некаква комбинација од вакви уреди.

Ова е првиот официјален коментар од Вашингтон на извештаите дека војниците што требало да ја заштитат Венецуела и претседателот Мадуро се жалеле на крварење од нос, повраќале крв, се парализирале и имале чувство дека главата ќе им експлодира. Човек од личното обезбедување на Мадуро набрзо по американската акција раскажа дека „радарскиот систем откажал без какво било објаснување“.

Следното што го видовме беа дронови, многу дронови, што ги надлетуваа нашите позиции. Не знаевме како да реагираме. Потоа се појавија осум хеликоптери. Во еден момент тие пуштија нешто. Не знам како да го опишам... како многу интензивен звучен бран. Одеднаш почувствував дека ќе ми прсне главата. На сите ни потече крв од носот. Некои повраќаа крв. Паднавме на земја. Не можевме да мрднеме. Не можевме да застанеме поради тоа сонично оружје, или што и да беше, раскажа еден венецуелски офицер.

Десетина дена по операцијата, ЦНН објави дека Пентагон повеќе од една година тестирал направа што ја купил за осумцифрена сума долари преку тајни канали и за која верувал дека била користена против дипломати и разузнавачи во Хавана. Според извори од Бирото за домашни истраги, направата создавала радио-бранови. Содржела руски компоненти, но не била целосно изработена во Русија. Била доволно мала за да ја собере во ранец.

Изворите на ЦНН не откриваат кога и од кого Бирото за домашни истраги ја набавило направата. Ја поврзуваат со мистериозниот Хавански синдром, кој првпат бил забележан кај службеници од Амбасадата на САД во Куба при крајот на 2016 година. Оттогаш имало слични инциденти со американски дипломати во 15 земји низ светот.

Случаите се разгледувале крајно сериозно и лани стигнале до сослушувања во Комитетот за разузнавање на Конгресот. Заклучокот на разузнавачката заедница бил дека е „многу малку веројатно“ дека симптомите биле предизвикани од странски актер“.

Медицински истражувања до денес не ја откриле причината за главоболките и вртоглавицата на луѓето. Како можни причини за состојбата, официјално се истакнуваат „стрес, загадување на воздухот и изложеност на пестициди“.

Иан Бојд, директор на Центарот за иницијативи за национална безбедност на Универзитетот во Колорадо, вели дека оружје што комбинира радио и звучни бранови би можело да има сличен ефект.

Ако лице во соба изложите од блиску на моќни радио и звучни бранови, тогаш... повраќањето и крварењето од носот би можеле да бидат последици. Радио брановите можат да се мешаат во мозочната активност, предизвикувајќи гадење и повраќање, а звучните бранови можат да го зголемат внатрешниот притисок, предизвикувајќи крварење од носот, вели Бојд.

Сепак, докторот смета дека „технички не е изводливо“ ефектот да делува на голема површина или дека оружје кое бара „огромен влез на електрична енергија“ може да биде транспортирано до Венецуела.

26 јануари 2026 - 10:42