
САД ќе бидат глобален лидер во експлоатацијата и развојот на минерали од морското дно во рамките на националната јурисдикција и надвор од неа, пишува во наредбата на Трамп.
Делови од дното на океанот се покриени со „полиметални нодули“ - грутки со големина на компир што содржат никел, кобалт, бакар, манган и други минерали што се од голема вредност за индустријата и напредната технологија. Само во американските територијални води се проценува дека има повеќе од 1 милијарда тони критични минерали.
Претставник на администрацијата изјави за Гардијан дека експлоатирањето на овие богатства може да го зголеми БДП на САД за 300 милијарди долари во текот на 10 години и да создаде 100.000 нови работни места.
Сакаме САД да бидат пред Кина во располагањето со овие ресурси на дното на океанот, рече претставникот.
Црпењето минерали од морето би го растоварила притисокот врз рудниците на копно, кои се соочуваат со многу еколошки ограничувања. Ќе ги елиминира и зависноста од увоз на метали и потенцијалната штета од трговските ограничувања што ги наметнуваат другите земји. Откако Пекинг воведе забрана за извоз на ретки минерали во САД, администрацијата на Трамп одобри 10 рударски проекти, вклучувајќи изградба на еден од најголемите рудници за бакар во земјата.
При крајот на минатиот век повеќето крајбрежни нации се приклучија кон Меѓународната власт за морско дно, создадена со конвенцијата на Обединетите нации за да го регулира копањето руда. Ова тело ѝ дозволува на секоја земја да ископува во длабоко море во сопствените територијални води, приближно до 200 наутички милји од брегот.
САД не се потписници. Основа за извршната наредба на Трамп е закон од 1980 година, во кој е оставена можност за „соработка со сојузниците за да се разгледаат начини за споделување на ресурсите“.
Досега немало копање руда од морското дно во комерцијални размери поради ризиците од нарушување на екосистемот и поради тоа што не е развиена таква технологија.
Геолошката агенција на САД проценува дека само во појас во источниот дел на Пацификот има повеќе никел, кобалт и манган отколку во сите рудници на копно. Зоната Кларион-Клипертон се протега од брегот на Мексико до Хаваи и е голема колку половина од територијата на САД. Океанот просечно е длабок околу 4 километри. Пристапот до „металните компири“ се споредува со испраќање ровери до Марс.
Еколошките здруженија бараат да се забранат сите активности, предупредувајќи дека индустриските операции на дното на океанот може да предизвикаат неповратна загуба на биолошката разновидност.
Но компании како Impossible Metals веќе бараат од владата лиценци за пристап до наоѓалишта на никел, кобалт и други критични минерали во близина на брегот на Американска Самоа. Акциите на Metals Company вчера пораснаа за приближно 40%. Компанијата објави дека веќе вложила 500 милиони долари во подготовка за експлоатација.
Имаме брод спремен за копање. Имаме средства за обработка на материјалите. Чекаме само на дозвола, изјави директорот Џерард Барон.