Во документот наведени се 52 електрични компоненти произведени од западни компании кои можат да се најдат во Шахид-131 дронот и 57 компоненти во Шахид-136 кој има домет од 2.000 километри и брзина од 180 км/ч.
Според документот Иран веќе го има проширено своето производство користејќи сириски фабрики кои испорачуваат до руското пристаниште во Новоросијск, а производството веќе почнало да се префрла во Русија во регионот Алабуга „иако Техеран продолжува да ги снабдува компонентите.“
„Во документот се тврди дека иранската влада се обидува да се оддалечи од обезбедувањето на оружје за Русија и дека не може да се справи со руската побарувачка и интензитетот на користење во Украина,“ пишува Гардијан.
Како една од мерките што Украина ги бара од своите западни сојузници во документот е да се извршат на ракетни напади на фабриките за дронови во Иран и Сирија, а потенцијално и на локациите во Руската федерација. Притоа тие се нудат самите да ја завршат работата доколку „партнерите ги обезбедат неопходните средства за уништување.“
Украинците не обвинуваат ниту една западна компанија за директна вмешаност во снабдувањето со делови, објаснувајќи дека Иранците се адаптирале на користење комерцијално достапни компоненти чие движење или слабо или воопшто не е контролирано.
Царинските документи наведени во извештајот тврдат дека „речиси целиот увоз во Иран потекнува од Турција, Индија, Казахстан, Узбекистан, Виетнам и Костарика.“
Извештајот содржи и анализа на руската тактика со дроновите кои прв пат беа употребени во Купјанск на 13 септември 2022. Според нејзе, паузата во нападите што се случува од 17 ноември до 7 декември најверојатно се должи на адаптирање на дроновите на постудена клима. Испораките на моделите 131 и 136 се случуваат преку Каспиското море, од Техеран се испорачуваат до пристаништето Амирабад, а од таму стигнуваат во Махачкала. На дроновите кои се користат последниве неколку месеци им се избришани сите обележја на електронските компоненти „најверојатно како дел од договор меѓу Русија и Иран за да се скрие улогата на Иран,“ а За Шахид-136 дрон соборен во јули со обележје „Y002“ се верува дека е произведен во нова фабрика во Русија. Двете држави веќе работат на нов мотор за Шахид-136, кој би требало да е побрз и да има поголем домет.
Во соборените дронови е најдена бензинска пумпа произведена во Полска во фабрика на британска подружница, како и микроконтролер со вградена флеш меморија произведен од швајцарски СТМикроелектроникс. Во 136-ката имало и транзистор и друга компонента произведена од подружница на германската Инфинеон технолоџис.
Во моделот 131 се откриени компоненти и микропроцесор холандската НХП семикондакторс, електронски компоненти од Инфинеон, вградена флеш меморија од СТМикроелектроникс и ГПС следач од швајцарската У-блокс.