Скај њуз се повикува на свои извори, кои споделиле и сателитски снимки, дека на 20 август товарен авион Илјушин ИЛ-76 со 140 милиони евра и запленето оружје слетал на аеродромот Мехрабад во Техеран.
На снимките од Мехрабад се гледаат два ИЛ-76, а претпоставката е дека најмалку еден од нив бил товарен со парите и опремата. Три часа подоцна, на сателитска снимка од аеродромот повеќе ги нема двата авиона, и се претпоставува дека барем еден од нив се вратил назад товарен со иранската пратка.
Истиот извор тврди дека западното разузнавање има информација дека од 20 август како дел од договорот најмалку 5 руски авиони имаат превезувано дронови од Иран.
Западното оружје е дел од пратка наменета за украинската војска која била запленета од руската војска. Претпоставката е дека таа ќе заврши кај Иранската револуционерна гарда, која има капацитет да истражува западна технологија и да ја ископира. Се верува дека знаењето што Иранците го добиле од анализата на запленети американски дронови во 2011 (RQ-17) е клучно за развитокот на Шахид дроновите.
Процената е дека Иран ја има снабдено Русија со 160 дронови, од кои 100 Шахид-136 камикази дронови, 60 помали Шахид-131 дронови и шест Мохаџир-6 дронови. За разлика од камикази дроновите, Мохаџир е дрон кој може да лансира проектили и да фрла бомби.
Изворот кој го пренесува Скај њуз, тврди дека Русија и Иран деновиве потпишале уште еден 200 милиони евра тежок договор за испорака на ирански дронови на Москва, кој наводно ќе вклучи и испорака на поголеми и пософистицирани ракети од иранскиот арсенал.
Британските аналитичари проценуваат дека дроновите се станати клучен дел во воената стратегија на Русија, и дека Шахид дроновите значително ја зголемиле ефикасноста на руските воздушни напади против Украина.
Иран од своја страна призна дека и испорачал дронови на Русија, но дека тоа се случило пред почетокот на инвазијата на Украина.