Џо Бастианич еден од најуспешните сопственици на ресторани во Њујорк, во книгата Restaurant Man ги открива тајните на неговиот бизнис.
По него, маса во кој било ресторан во градот не е никаков проблем доколку си подготвен да "соработуваш" со домаќинот.
"Тој добива редовна плата, но секогаш смета и на разликата што ја зема на рака. 50 долари ќе ви направат разлика. Во зависност од ресторанот и 20 долари може да ви најдат маса, освен во некои локали на Ист сајд, каде ќе ви треба 100-ка за да добиете маса," пишува Бастианич.
Во однос на гостите Бастианич тврди дека нема правила, односно дека многу познати луѓе се ужасни гости, а има и некои сериозни фаци, како Бил Клинтон, со кои секогаш е мерак да се работи.
Мафијашите се одлични гости кои навистина се заинтересирани за храната, и често се спријателуваат со персоналот.
"Има една група што доаѓаат со туциња стотки... Стотка за девојката од гардероба, стотка за хостесата, стотка за домаќинот, стотка за шанкерот, стотка за пијанистот," објаснува Бастианич.
Во овој бизнис парите се заработуваат паричка по паричка, и човек мора да пази на секој трошок што го прави во ресторанот. Во ова тој добива и поддршка од неговиот партнер, шефот Марио Батали.
"Батали е познат по проверувањето на ѓубрето - ако го фрлиш не можеш да го продадеш. Ние сме двајца скржавци. Неговата генијалност е во способноста да направиш шоу, а да не потрошиш премногу. Шоуто е бесплатно - младиот морков е три пати поскап од обичниот, но ако го исечеш големиот морков за да изгледа како млад, тогаш ја добиваш истата работа," раскажува Бастианич за дел од форите што ги прави.